Африканската дива Фатумата Дијавара вечерва во Националната опера и балет ќе има концерт во рамки на 18. издание на „Оффест“, што ќе се одржува до осми јуни.
Дијавера се појави на сцената во 2011 година, а во последниве години се етаблираше како една од водечките женски гласноговорнички на новата африканска творечка генерација.
„Нејзиниот спектакуларен деби албум „Fatou“ (2011) ја лансираше оваа пејачка, актерка и активистка од Мали меѓу најекспонираните нови африкански уметници на планетата. Вториот албум „Fenfo“ („Нешто да кажам“), пак, на драматичен начин ги исполни очекувањата испорачувајќи нова збирка живописни и оригинални композиции што се потпираат врз нејзините богати животни искуства. Храбро експериментален, но со длабока почит кон потеклото, ова е албум што ја дефинира како глас на младата африканска жена – горда на своето наследство, но со сопствена визија за иднината и универзална порака“, пишува во каталогот на фестивалот „Оффест“.
Фатумата Дијавара има соработувано со некои од најзначајните имиња на современата музика: Херби Хенкок, Боби Вомек, Дејмон Албарн, Тумани Диабате, Уму Сангаре, Ди Ди Бриџвотер, Роберто Фонсека… Во исто време продолжува со својата паралелна кариера како актерка, вклучувајќи ја и извонредната улога во филмот „Тимбукту“ (2014), кој беше номиниран за БАФТА и Оскар.