Музичкиот состав „Квартет“ (The Quartet) вечерва од 18.30 часот ќе одржи концерт во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.
На програмата е Свитата за флејта и џез-пијано трио напишана од џез-пијанистот и композитор Клод Болинг во 1973 година. Ова музичко дело создадено за класична флејта е посветено на познатиот флејтист Жан Пјер Рампал и џез пијано трио (пијано, контрабас и тапани).
Албумот, на кој свиреле композиторот и пијанист Болинг и Рампал, во 1975 година бил номиниран за наградата „Греми“ за најдобра изведба на камерна музика.
Членови на „The Quartet“ се флејтистката Марија Јакимовска, пијанистката Билјана Петровска, Динко Стипаничев (контрабас) и Гоце Стевковски (тапани).
Од формирањето во април 2017 година, камерниот состав за кратко време реализираше повеќе концертни настапи во градовите низ Македонија.