Концерт на гитарското трио „Елогио“

76

Во Камерната сала на Филхармонија во петок, на 8 ноември во 20 часот ќе настапи гитарското „Трио Елогио“, основано од тројца исклучителни гитаристи,Петрит Чеку Косово, Педро Рибеиро Родригез Португалија и Томислав Вукшиќ Хрватска.  На програмата се дела од Моцарт, Руждјак, Рахмањинов, Шуберт…

Триото реализира голем број на концерти особено на европските фестивали. Посебен придонес даваат за зачувување на хрватското звучно творештво, а неодамна го снимија и нивното ново ЦД со дела од Моцарт, Руждјак и Дворжак.
Петрит Чеку (1985) е роден во Косово каде што го започнал музичкото образование, а кога се преселил во Загреб (2002) продолжил да студира на тамошната Музичка академија каде што и дипломирал. Од 2009 до 2013 година се усовршувал на Конзерваториумот „Пибоди“ во Балтимор. Неговиот исклучителен сензибилитет и експресивност ја привлекуваат публиката и критичарите ширум светот.

Томислав Вукшиќ (Загреб, 1980) дипломирал гитара во Загреб, а постдипломските студии ги завршил на Кралскиот конзерваториум во Ден Хаг, кога му е доделна престижна стипендија за талентирани студенти. Добитник е на неколку награди на хрватските државни и меѓународни натпревари за гитара, а во моментов работи како доцент на Музичката академија во Загреб.
Педро Рибеиро Родригез е класичен гитарист од Португалија и делува како солист, камерен музичар, педагог и аранжер. На својот прв носач на звук („Нумерика“ 2013) ги изведува сонатите на Карлос Сеиксас во сопствена обработка за гитара, што е единствената солистичка гитарска снимка во целост посветена на тој португалски композитор.

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...