На последната фестивалска вечер од 37. Скопски џез-фестивал, гитаристот Тони Китановски со концерт од 20 часот во Македонската опера и балет ќе одбележи 30 години музичка кариера.
Во првиот дел од вечерта тој ќе настапи со својот најнов проект – квинтетот „Панда 5“ и во живо ќе го промовира новиот албум „Big City Scare”. Покрај Китановски во квинтетот членуваат и младите македонски џез-инструменталисти: Трајче Велков (труба), Кирил Кузманов (алт саксофон), Кирил Туфекчиевски (контрабас) и Виктор Филиповски (тапани).
Во вториот дел од концертната вечер во МОБ на Китановски ќе му се придружат неговите музички пријатели и соработници: Џон Сас, Дејв Вилсон, Асан Рашид, Васил Хаџиманов и Пјеро Епифанија Осамбела.
Тони Китановски има разновиден музички опус. Свирел на турнеи со своите проекти на џез и музика на светот, снимил и продуцирал голем број албуми, пишувал музика за играни и документарни филмови, современ танц, симфониски и големи џез-оркестри. Соработува со хип-хоп диџеи, музичари од Конго, ромски оркестри… Себеси се смета за композитор кој свири гитара, а неговата прва љубов отсекогаш била џезот.
Негов прв и највлијателен ментор е Драган Ѓаконовски-Шпато, во чиј дом тој првпат слушнал стара снимка од гитаристот Барни Кесел. Во 1990-тите живеел и студирал во Бостон, на музичкиот колеџ „Беркли“. По враќањето десет години подоцна, излегуваат серија албуми за SJF Records и ENJA/Yellowbird Records од Минхен, а „Big City Scare” е најновото музичко остварување на Китановски и квинтетот „Панда 5“.
Скопскиот џез-фестивал годинава беше ориентиран кон современиот џез. Карактеристичен беше и по тоа што речиси сите музичари што учествуваа специјално допатуваа за фестивалот и нивните концерти не беа дел од турнеи