Концертот на финскиот пијанист Мустонен e одложен во 21 часот 

123

Концертот на финскиот пијанист Оли Мустонен на фестивалот „Охридско лето“ што беше закажан за вечерва 20 часот, се одложува во 21 часот, информираат од фестивалската дирекција.

Виртуозот на пијано Мустонен ќе настапи во црквата „Света Софија“ во рамките на традиционалната Вечер на Европската унија.

Се работи за голем уметник кој започнува да учи пијано на само 5-годишна возраст, а негов учител бил еминентниот пијанист Ралф Готони. Во светот е познат по неговите врвни интерпретации на пијаното, додека пак во родната Финска е многу ценет како композитор. Мустонен исто така е ангажиран и како диригент на Фестивалскиот оркестар во Хелсинки кој самиот го основа. Покрај тоа го предводи оркестарот Тапиола Симфониета и е уметнички директор на Музичкиот фестивал во градот Турку.

Во 1991 година потпишува ексклузивен договор со издавачката куќа Дека за која снима ЦД со Прелудиуми од Шостакович и Алкан, издание кое е наградено од страна на списанието Грамофон за Најдобра инструментална изведба. Голем број од снимените материјали на Мустонен ги издава финската компанија „Ондине“. Како инструменталист е особено активен на концертните подиуми во Европа и Австралија, а композиторот Родион Шчедрин му го посветува Концертот за пијано и оркестар бр. 5.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...