Конкурс за наградата „Мостови на Струга“ на СВП и УНЕСКО

176

Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО распишаа конкурс за интернационалната награда „Мостови на Струга 2019“ за најдобра дебитантска книга од млад светски автор.  На конкурсот може да учествуваат дебитантски книги на поети под 35 години.

„Кандидатите треба да испратат три копии од книгата со која конкурираат и најмалку пет песни преведени на англиски јазик на адресата на Струшки вечери на поезијата (поштенски фах 109, 6330 Струга, Република Македонија) преку имеил struga@svp.org.mk или преку Националните комисии за УНЕСКО на државите членки, најдоцна до 1 март“, соопшти НУ Струшки вечери на поезијата.

Наградата вклучува статуетка, паричен износ и објавување книга на поетот-лауреат во превод на македонски јазик. Добитникот ќе биде поканет да учествува и на годинашното издание на Фестивалот, што ќе се одржи од 21 до 27 август, а наградата ќе му биде врачена на манифестацијата „Мостови“.

Наградата „Мостови на Струга“ е востановена во 2003 година како дел од интензивната соработка со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата 21 март, со цел и на овој начин да се поттикне, промовира и афирмира поетското творештво, како еден од најзначајните творечки духовни изрази на човештвото. Традиционално, на Светскиот ден на поезијата, СВП ќе ги соопшти добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.

Досегашни добитници на наградата биле: Ангело В. Суарез (Филипини) 2004, Андреа Коте (Колумбија ) 2005, Маријана Гејде (Руска Федерација) 2006, Мануа Риме (Белгија) 2007, Антонија Новаковиќ (Хрватска) 2008, Усман Сарус (Сенегал) 2009, Сим Кера (Естонија) 2010, Хироши Таниучи (Јапонија) 2011, Франсоа-Ксавиер Мегр (Франција) 2012, Николина Андова Шопова (Македонија) 2013, Хари Ман (Велика Британија) 2014, Паула Бозалонго (Шпанија) 2015, Руна Светликова (Белгија) 2016 година, Горан Чолакхоџиќ (Хрватска) 2017 година и Паули Тапио (Финска) за 2018 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...