Конечно стартува коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан

277

Досегашните изнесени ставови во изминатите месеци во најголем дел беа иницијативи на Стопанската комора на Македонија, кои во годините наназад беа испраќани до Владата на Република Македонија, и сѐ уште се заглавени во административните лавиринти, чекајќи го светлото на денот. Во наредниот период, започнувајќи со денешната објава, фокусот ќе го поставиме регионално, низ призмата на дејствувањето на Коморскиот инвестициски форум.

Една од клучните поенти на еден од „татковците на Европската Унија“ Жан Моне е дека зад различностите и географските граници лежи заеднички интерес – и токму оваа поента ни беше водечка мисла кога започнавме со интензивирање на заедничката соработка со претседателите на останатите пет комори од Западен Балкан. Впрочем, историски гледано, економијата секогаш е таа која прва гради мостови на поврзување меѓу земјите. Неспорно е дека постојат многу заеднички економски интереси на државите од Западен Балкан, а бизнисот многу брзо тоа може да го валоризира во подобри економски перформанси во секоја од државите и подобар животен стандард.

Идејата за зајакнување на регионалната соработка доби своја реална имплементација во 2015 година, кога нашиот ентузијазам беше препознаен и валоризиран од канцеларката Ангела Меркел, која директно преку Берлинскиот процес даде поддршка за основањето на Коморскиот инвестициски форум.

Речиси три години подоцна, ме радува што можам да речам дека првите резултати од заедничкиот подвиг се на повидок. Коморскиот инвестициски форум на регионално, но и на светско ниво, веќе е препознаен како клучниот чинител за постигнување на целите на регионална економска интеграција на Западен Балкан, активно работи канцеларијата на Генералниот секретаријат во Трст, во завршна фаза се активностите за отворање на регионалната канцеларија во Подгорица, обезбеден е стручен кадар, и обезбедени се фондови од кои финансиски ќе се поддржуваат активностите на КИФ во идниот период. Со претседателите на Коморите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора имам речиси секојдневна комуникација, како за разрешување на отворените прашања за нашите бизнисмени, така и за заедничките активности и проекти што регионот ќе го направат поатрактивен за инвестиции и трговија.

Веќе оваа недела ќе имаме заедничка средба во Црна Гора, на која учество ќе земе и австрискиот канцелар Себастијан Курц, а до крајот на годината агендите ни се веќе исполнети со планирани активности за започнување на имплементацијата за регионалните проекти, кои ќе се реализираат со поддршка од Европската комисија, Германија, Австрија и Јапонија. Прашањата за регионалната соработка ни се помеѓу приоритетните активности, и затоа, започнувајќи од оваа недела, објавите ќе ги пишувам и од својството на заменик претседател на Коморскиот инвестициски форум.

п.с. Најискрени честитки до редакцијата на „Слободен печат“ за петтиот јубилеј, веќе одамна си го заслужи своето место на пазарот. Вистинска чест и задоволство ми е што и скромните редови од моите објави веќе неколку месеци наоѓаат свое место на страниците на понеделничкото издание, и што на тој начин и „Слободен печат“ активно се вклучува во активностите на ЕУ за унапредување на регионалната економска соработка на подрачјето на Западен Балкан.

(Бранко Азески е претседател на Стопанската комора на Македонија и заменик претседател на Коморскиот инвестициски форум)

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...