„Не знам, не сме од овде, ние сме од Девон“, одговори до заби вооружениот полицаец кога го прашав од која страна да пријдам кон сардисаната конференциска сала во која се одржуваше првиот од двата настани на Северноатлантската алијанса „НАТО ингејџ“, или НАТО се ангажира, учествува, се бори (три од 29-те синоними за ингејџ), строго ме погледна и ми рече да се оддалечам.
Првиот состанок, првиот ден, во Лондон, во строгиот центар, спроти Парламентот и Вестминстер и саат-кулата Елизабета со Биг Бен, со обезбедување кое беше донесено од половина Англија, па нормално момчето немаше поим каде е и од каде се влегува – го ставиле таму да не пушта никого и тој, заедно со партнерката, не пушташе никого. Наредба си е наредба. А полиција си е полиција. Горе летаат хеликоптери, долу расшетани кучиња ве душкаат (одолеав да не почнам да ги галам, не беа овие за чешкање зад уши), вртите кругови наоколу пред да стигнете до конференциската сала, ве снимаат со камери, ве гледаат строго и го проверуваат беџот со рентген очи, па редици, па прегледи на багаж како на аеродром и кога конечно ќе влезете внатре, се чувствувате – победнички. Имаше зошто, ама за тоа, подоцна.
Вториот ден, надвор од Лондон, во Ватфорд, беше уште појасно што е НАТО и што е војска, безбедност, организација и, со еден збор – моќ. Пак проверки, снимање, рентген, па во мали групи со минибус до ексклузивното одморалиште Гроув, каде што своевремено викендите ги поминуваше кралицата Викторија и со голф-терен каде што во поново време партија одиграа Барак Обама и Дејвид Камерон. На секои дваесеттина метри, контролни пунктови на кои и (НАТО)возачите мораа да покажуваат пропусници, а сè одеше подмачкано, како на лента. За да се обезбедат, спроведат, вдомат и нахранат илјадници новинари, фоторепортери, сниматели, гости…а да не зборувам за делегациите и обезбедувањето и војска, и камери, и снимање, и хеликоптери, и коли, и коњи, и кучиња и…
Што беше и нормално. Зашто, безмалку сите главни светски лидери беа тука, премиерите и претседателите на 29 земји членки на НАТО. Со американскиот претседател Доналд Трамп, за кого секогаш кога доаѓа во Лондон се потребни посебни мерки на обезбедување, зашто не е многу омилен во земјата.
„Новото момче“ пристигна
Најновото момче во друштвото, делегацијата на Македонија, привлекуваше исклучително внимание и двата НАТО-дена беше поздравувана на секој чекор, како некој „селебрити’. Македонците беа омилени и третирани со почит. Ваква позитивна атмосфера за некоја делегација немам почувствувано многу одамна. Речиси секој говор или влегување на македонската делегација, на премиерот, министерката, министрите беше поздравуван од некој од членовите, говорниците и се разбира и од Јенс Столтенберг, челникот на НАТО. Македонскиот премиер Зоран Заев беше баран и беше единствениот премиер кој дојде во прес-центарот да даде изјава за медиумите, а расположени за разговор беа сите. Да му побараа, интервју ќе дадеше и Верушевски, само да знаеја новинарите кој е и зошто е тука.
На роденденскиот самит на НАТО, кога се славеше 70-годишнината од Алијансата, Македонија беше главната ѕвезда, а срдечноста на средбите и разговорите беше опиплива и по изјавите и по фотографиите – тоа не беше протокол, туку одличен почеток на едно долго и искрено пријателство, барем со најголемиот дел од членовите. За другите… па, како што изјави Столтенберг по едногласно усвоените заклучоци на 29 лидери на НАТО, главната порака е – повикување на членот 5 од Договорот на НАТО, дека нападот на една членка е напад на сите. Сликовито, како што беше речено „еден за сите, сите за еден“, па така отсега и Македонија е „тој еден“ кој(а) ќе биде за сите и тие сите ќе бидат за Македонија, за добро и за лошо.
Значи, отсега натаму, сите 29 се „за“ Македонија. Голема работа. Огромна. Ете, тоа се случи на 3 и 4 декември во Лондон, Велика Британија, 2019 година. Запамтете каде бевте на почетокот на декември, кога земјата стана прифатена и призната и – заштитена, зашто ова е историски настан. Што и да мислите и да кажете за организацијата, ајде малку прагматизам во овие времиња на тероризам, сајбер војни, конфликти, несигурност, инвазии, закани…
Фино е да се биде на безбедно.
Озборувања
За малку немаше да стигнат. Најголемиот број новинари од Македонија, Второ, затоа што „по македонски“ се аплицираше во минута до 12, но прво, поради нашата стара болка со британските визи. Мачното пополнување формулар, полн со прашања кои задираат во приватноста, безобразно скапите визи несоодветни за стандардот на луѓето, долгото време на чекање и работа со компјутеризирана безлична агенција, се само некои од забелешките кои го имаат многумина кои сакаат да (ни) дојдат тука. Но во последен миг, со ургенции, интервенции, протести, размена на мејлови и нервозни телефонски повици, повисоки тонови и спомнувања на покачени притисоци, новинарски страдања со заработување „сува корка леб“, групата претставници на седмата сила пристигна во Лондон. Двајца, од оние „одличните“ кои аплицираа на време, со визи. Другите, со „ пусулче“- лист хартија А4 формат, на кој пишуваше дека на носителите на ова ливче им се дозволува да влезат во ЈуКеј. Заедничка фотографија имаше само на почетокот. Потоа секој си бркаше своја работа.
Можеше ли да помине нешто без да не биде вмешан американскиот претседател Доналд Трамп? Му шепнаа да не каже ништо за британската предизборна кампања која е во тек, ама не додржа – кажа. Борис бил фин и ќе завршел добра работа, а Корбин, па не се сретнал, ама ајде, кој и да станел премиер, ќе соработувал со него.(!)
А потоа дојде приемот во Бакингемската палата. Еден микрофон „случајно“ го фати муабетот на друштвото составено од Емануел Макрон, Џастин Трудо, Борис Џонсон, еден завртен со грб и една што личеше на принцезата Ана како се смеат и се забавуваат. Џонсон го прашува Макрон зошто доцни, а Трудо вели дека доцнел зашто „оној за 40 минути ја оддолжил прес-конференцијата“…. за потоа да каже како „неговите подзинале кога пак ги ставил во небрано, најавувајќи нешто за што никој не знаел“. „Оној“ , се разбира беше Трамп. Кој кога дозна дека го озборувале, се налути (а се лути кога му се смеат нему, а не со него), следниот ден ја откажа прес-конференцијата, го нарече Трудо дволичен, се качи на хеликоптер, отиде на аеродром, па на авион и одлета дома. Каде што го чекаат демократите со импичмент.
Што се однесува до тоа кој како беше облечен и слично, имам само да кажам една работа. Зелената боја е во мода. И многу убаво се согласуваше со сината.Толку.