Вчера, во Народната банка се одржа прва заедничка средба на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии Нина Ангеловска со претставници на Здружението на финансиски организации при Стопанската комора на Македонија и на Асоцијацијата на финансиски друштва. На средбата акцентот беше ставен на состојбите, движењата и трендовите во секторот на финансиските друштва, кој претставува мал, но динамичен сегмент од финансискиот систем. Одделно беше разговарано и за предизвиците коишто со себе ги носи развојот на финансиската технологија и областите во коишто треба да се очекува нејзина примена и кај нас во натамошниот период. Ова го соопшти Народна банка.
– Соговорниците се осврнаа и на неодамна донесените измени на Одлуката за методологијата за пресметување годишна стапка на вкупните трошоци, со којашто се пропишува начинот на пресметување на СВТ на одобрените потрошувачки кредити од страна на сите кредитори, вклучително и финансиските друштва. Притоа беше појаснето дека со измените се прецизира листата на трошоци коишто не се вклучуваат во пресметката на СВТ. Имено, од оваа листа се исклучуваат трошоците за осигурување или гарантирање на кредитот, коишто не претставуваат задолжителни дополнителни услуги, како и останатите трошоци коишто не се директно поврзани и со кои не е условено одобрувањето на кредитот. Со направените измени во регулативата се очекува дека ќе се обезбеди уште поголема транспарентност во формирањето на цените на потрошувачките кредити и дека на кредитобарателите ќе им биде навремено достапна поцелосна информација за вкупните трошоци коишто ќе ги имаат на годишно ниво – се вели во соопштението.
Оттаму додаваат оти „во завршницата на средбата беше искажана желба заедничката комуникација на двете институции со Здружението и Асоцијацијата да продолжи, со цел континуирано информирање за состојбите, трендовите и новостите во секторот на финансиските друштва. Гувернерката на Народната банка и министерката за финансии оценија дека таквата заедничка комуникација може да биде особено значајна и корисна во согледувањето на натамошните предизвици на нашиот финансиски систем и за оцената на неговата стабилност“.