Иако во текот на изминатите години кокосовото масло се најде на списокот на суперпроизводи, со тврдењето дека има здравствени придобивки, една професорка од Харвард предупредува на неговото штетно дејство.
Дoктор Карин Мајклс го изнела своето мислење за кокосовото масло во текот на предавањето под наслов: „Кокосово масло и други нутритивни грешки“.
Мајклс истакнала дека „кокосовото масло е еден од најлошите производи кое можете да го консумирате“ токму поради штетниот ефект кој го имаат заситените масни киселини (кои се наоѓаат во кокосовото масло) на вашето тело.
Нејзиното излагање се спротивставува на врежаното верување дека кокосовото масло е добро за здравјето. Сè досега ова масло се сметаше за „суперхрана“, а експертите ширум светот го препорачуваа да се користи при приготвување на речиси секое јадење.
Според Мајклс, „консумирањето на кокосовото масло е многу поштетно од готвењето на свинска маст“, бидејќи ова масло претежно е сочинето од заситени масни киселини.
Националната здравствена служба соопштува дека консумирањето на храната која содржи заситени масни киселини може да го зголеми ризикот од развој на коронарни срцеви заболувања, поради зголеменото ниво на лошиот холестерол во крвта.
Освен кокосовото масло, друга храна која содржи високо ниво на заситени масти е маргаринот, тврдото сирење, колбасите и питите од месо.
Од друга страна, храната која е богата со здрави незаситени масти е мрсната риба, јаткастите плодови, семките, билните масла и авокадото.
Американската асоцијација за срце лани донесе нови препораки во поглед на користењето на кокосовото масло, советувајќи ги луѓето заситените масни киселини да ги заменат со незаситени масни киселини за да се намали ризикот од настанување на кардиоваскуларните болести.