„Кока-Кола“ го купува „Бамби“ за 260 милиони евра

317

„Кока-Кола“ започна процес на преземање на српската кондиторска компанија „Бамби“ од фондот „Мид Еуропа Партнерс“, во вредност од 260 милиони евра.

Како што се наведува во соопштението на компанијата, конечниот договор ќе биде дефиниран преку крајно усогласување, а аквизицијата ќе подлежи на вообичаените услови и одобренија на надлежните органи, поради што се очекува самиот процес да биде завршен во вториот квартал од 2019 година.

„Кока-Кола“ соопшти дека нејзина стратешка намера е ова првземање да и овозможи нови развојни можности во Србија и регионот, како и можност за проширување во комплементарни категории производи.

– Оваа аквизиција претставува одлична можност за создавање додадена вредност за нашата компанија, клиентите и акционерите. Во нашето постоечко портфолио на водечки брендови пијалоци на потрошувачите ќе им додадеме добро познати, комплементарни брендови, како и иновативни вештини и знаења. Ова дополнително ќе ја зајакне нашата релевантност на пазарот и односот со купувачите и ќе ни даде можност да го зголемиме нашето присуство во клучните можности за консумирање, како што е почетокот на денот, конзумирање во движење и ужина и освежување дома, изјави главен извршен директор на подружницата на американскиот гигант, компанијата „Кока-Кола Хеленик Ботлинг Компани (ХБЦ) АГ“, Зоран Богдановиќ.

Генералниот директор на „Кока-Кола ХБЦ Србија и Црна Гора“, Светослав Атанасов, пак, истакнува дека оваа аквизиција е потврда дека Србија е многу атрактивна локација за странски инвестиции, но и доказ за одлучноста на компанијата да остане составен дел на локалната заедница во која работи и да продолжи да го развива бизнисот во оваа земја.

– Сигурен сум дека нашите глобални брендови, искуството стекнато на бројните пазари, како и посветеноста на локалната заедница, здружени со водечките брендови кондиторски производи на „Бамби“, ќе бидат вистинска добитна комбинација, нагласи Атанасов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...