Акционерите на Комерцијална банка на претстојното Собрание покрај другото треба да изгласаат уште еден мандат за членовите на Надзорниот одбор. Предложените кандидати се бизнисмени и универзитетски професори и се актуелни членови на Надзорниот одбор на банката.
Банката оваа информација ја сподели на сајтот на Македонска берза.
Сава Димитрова која беше досегашен претседател на Надзорниот одбор на Комерцијална банка и беше долгогодишна директорка на фабриката за чоколади „Европа“ е предложена за уште еден мандат. Таа поседува 425 акции на банката.
Од бизнисот доаѓаат досегашните членови на Надзорниот одбор, градежниците Ванчо Чифлиганец и Фатмир Етеми. И двајцата не поседуваат акции на Банката на свое име, но компаниите во нивна сопственост поседуваат добар дел од акциите во банката. Градежната компанија Адора Инженеринг чиј сопственик е Чифлиганец поседува околу 11% од акциите, додека Етеми кој е управител на ЗСФ-КОМ, компанија која има удел од под 5% од вкупниот број на акции на банката.
Од кондиторската индустрија доаѓа уште еден член на Надзорниот одбор на Банката, Сашо Наумоски. Тој е извршен директор на Витаминка и е сопственик на 3.489 акции.
Бизнисменот Горан Антевски инаку управител на електро сектор Раде Кончар – ТЕП, поседува 2.616 акции во Комерцијална Банка и е актуелен член на Надзорниот одбор.
Академик Таки Фити, беше досегашен заменик претседател на одборот. Тој е професор на Еконосмкиот факултет на УКИМ и поседува 112 акции во банката.
Александра Максимовска- Стојкова редовен професор по финансово право и финансии на Правниот факултет исто така е досегашен член и е повторно предложена во Надзорниот одбор.