Свечено доделување на сертификатот за компании „Фер со потрошувачот“ ќе се одржи денеска во Скопје. На настанот најавено е обраќање на министерот за економија Крешник Бектеши, на претставник од Делегацијата на Европската Унија, од бизнис заедницата, државни органи и од граѓански организации.
Сертификатот „Фер со потрошувачот“ се доделува на компании кои имаат јасно дефинирани правила за заштита на безбедноста и здравјето на потрошувачите, користат фер пазарни практики, применуваат спогодбено решавање поплаки и спорови, ја штитат приватноста на потрошувачите и се грижат за влијанието на производите врз животната средина. Со сертификацијата се помага да се поттикне фер деловната пракса и да се воведат корпоративни кодекси за однос кон потрошувачите.
Сертификацијата на компаниите е финансирана од Европската Унија во рамки на проектот „Партнерство меѓу граѓанското општество и деловниот сектор – развивање иновативен модел за мобилизација на финансиски средства“, што го спроведуваат Организацијата на потрошувачите (ОПМ), ЗБК Креација и Асоцијацијата Зенит.