Мајкл Коен, поранешниот личен адвокат на американскиот претседател сведочи пред Комисијата за надзор на владата во Претставничкиот дом, од каде изјави дека Доналд Трамп е расист и измамник.
– Трамп нема желба ниту намера да ја води оваа нација, рече Мајкл Коен, на сведочењето во Конгресот, кое е во тек. Тој истакна дека е тука за да ја каже вистината за Трамп, нагласувајќи дека Трамп станал најлоша верзија на себе.
Коен тврди дека Трамп знаел за објавувањето на хакираните електронски пораки на Националната комија на Демократската партија пред време, додавајќи дека советникот на неговата кампања Роџер Стоун контактирал со Џулијан Асанж од Викиликс.
Тој и приложи на Комисијата и тригодишен извештај за финансиското работење на Трамп.
Коен нагласи и дека Трамп никогаш не очекувал да победи на изборите, и оти неговата кандидатура ја гледал како можност за маркетинг.
– Јас лажев, но, не сум лажливец, рече Коен, порачувајќи му на Трамп дека повеќе нема да му ги средува работите.
Коен потенцираше дека ништо не можело да помине во организацијата на Трамп без одобрување на претседателот. Тој еднаш го одложи сведочењето во Конгресот поради „заканите од претседателот Трамп кон неговото семејство“.
Адвокатот призна дека грешел, за што презел одговорност и за што ќе оди во затвор. Тој претходно призна дека ги лажел членовите на Конгресот за својата улога во бизнис предлогот на Трамп за изградба на Трамп кула во Москва за време на претседателската кампања. За тоа Коеан е осуден на три години затвор, а на отслужување на казната треба да се јави во мај.
– Во разговорите што ги водевме за време на кампањата, додека истовремено активно преговарав во Русија за него, ќе ме погледнеше во очи и ќе ми речеше нема бизнис со Русија, и потоа ќе излезеше пред американските граѓани и ќе го рече истото. На некој начин, ми велеше да лажам, рече Коен, додавајќи дека Трамп знаел и ги нарачал преговорите со Москва, и оти лажел за нив.
– Тој лажеше бидејќи никогаш не очекуваше да победи на изборите. Лажеше и бидејќи сакаше да направи проект во Москва од стотици милиони долари, тврди Коен.
Трамп, според него, рекол дека црнците никогаш нема да гласаат за него, затоа што се премногу глупави.
Американските медиуми тврдат дека во понатамошното сведочење, Коен ќе ги објасни деталите за тоа како претседателот побарал на две порно глумици да им исплати пари за да молчат за аферите кои ги имале со Трамп. Коен тврди дека Трамп лично потпишал 11 чекови и дека за тоа ќе обезбеди копии.