Коен тајно снимал разговор со Трамп за исплата на модел на Плејбој

214

Мајкл Коен, поранешен долгогодишен адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп, тајно снимил разговор со Трамп во септември 2016 година, во кој разговарале за исплатата на поранешниот модел на Плејбој, која тврди дека имала афера со претседателот, објави денеска „Њујорк тајмс“.

Весникот наведува дека снимката е меѓу неколкуте што ФБИ ги заплени претходно оваа година, кога изврши рација на имотите на Коен во Њујорк. Адвокатите на Коен тврдат дека ФБИ ја откриле снимката додека ги прегледувале запленетите документи и снимки.

Коен е предмет на истрага на канцеларијата на американскиот обвинител во Менхетен за тоа дали извршил банкарски измами, измама со информатичка технологија и прекршување на финансирање на изборната кампања за Трамп во 2016 година.

Таблоидот „Нешнл еквајер“ на поранешниот модел на Плејбој Карен Мекдугал во август 2016 година и плати 150.000 долари за правата за објавување на нејзината приказна. Весникот никогаш не ја објави приказната, а федералните истражувачи испитуваат дали Коен бил вмешан во какви било напори за да не бидат објавени штетните информации за Трамп пред претседателските избори во ноември 2016 година.

Руди Џулијани, поранешен градоначалник на Њујорк и личен адвокат на Трамп, за „Тајмс” потврди дека Трамп разговарал за плаќањата со Коен, но рече дека на крајот тоа не било направено.

– Ништо во тој разговор не сугерира дека тој однапред знаел за тоа, рече Џулијани. Тој додаде дека Трамп му кажал на Коен дека ако и плати Мекдугал, тоа треба да биде во форма на чек наместо готовина, за да може правилно да се евидентира.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...