Директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски денеска јавно ги отфрли обвинувањата од вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за наводен криминал, корупција и непотизам во работењето на нашиот најголем електроенергетски комбинат.
Во интерес на вистината, ја информираме јавноста, изјави Ковачевски, дека носител на јавната набавка за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола е фирмата ГП „Пелистер“- Битола и согласно договорот, ГП „Пелистер“ има можност да ангажира подизведувачи, за што комбинатот мора навремено и прецизно да биде известен и за тоа да добие согласност.
– Најодговорно тврдиме дека фирмите СВ Инвест од Битола и Тотал инженеринг од Струмица, ниту некогаш работеле, ниту во моментов работат како подизведувачи на ископ и транспорт на јаглен во РЕК Битола. Има неколку начини со кои многу лесно тоа може да се потврди – преку записниците за изведување на работите, извештајот за работа на ПЕ Рудници, извештаите за влез и излез на лица, возила и опрема во Комбинатот. Со Мицкоски се согласуваме само за едно – надлежните институции, а посебно Јавното обвинителство треба и мора да ги проверат неговите јавно изнесени наводи и да ја утврдат вистината – изјави првиот човек на РЕК Битола, Васко Ковачевски.
На денешната прес конференција во РЕК Битола, директорот Ковачевски најави дека во иднина секој оној, вклучително и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, што ќе изнесе конструирани невистини, лажни факти и дезинформации со кои ќе ја замајува јавноста, ќе се соочи со одлучен и категоричен одговор.
– АД ЕЛЕМ и РЕК Битола за секој таков обид ќе побараат одговорност пред судските инстанци. Воедно, најавуваме дека многу наскоро АД ЕЛЕМ и РЕК Битола ќе излезат со информации во јавноста за работењето на компанијата и комбинатот во непосредно изминатиот период, но и за периодот кога токму Мицкоски беше ангажиран во РЕК Битола и раководеше со АД ЕЛЕМ – нагласи Ковачевски.