Книжевни разговори со писателот Енес Халиловиќ во МКЦ

77

Книжевниот разговор со писателот Енес Халиловиќ ќе се одржи во рамки на книжевниот фестивал „Букстар“ утре во 21.30 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје. Водител на разговорот ќе биде Владимир Јанковски.

Енес Халиловиќ во текот на ноември е на резиденцијален престој во Скопје, во рамки на програмата за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“, програма која се реализира под покровителство на Европската мрежа за превод и книги Традуки.

Енес Халиловиќ (1977, Нови Пазар) е поет, раскажувач, драмски писател и новинар. Ја има основано новинската агенција „Санапрес“, книжевното списание „Sent“ и интернет-списанието за книжевни интервјуа „Екерман“.

Ги има објавено збирките поезија: „Средна буква“ (1995), „Блудна хартија“ (2000), „Листови на вода“ (2007) „Песни од болеста и од здравјето“ (2012); збирките раскази: „Потомците на одбиени просачи“ (2004) и „Капиларни појави“ (2006); драмите „In vivo“ (2004), „Кемет“ (2010); романите: „Еп за водата“ (2012) и „Ако долго време гледаш во понорот“ (2016).

Неговите раскази, поезија и драми се објавени во посебни книги на англиски, полски, француски и македонски јазик, а прозата и поезијата му е преведена на повеќе од десетина јазици. Застапен е во бројни антологии. Добитник е на книжевните награди „Бранко Миљковиќ“, „Ѓуро Јакшиќ“ и „Меша Селимовиќ“.

Разговорот со Енес Халиловиќ е дел од книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“, програма која се реализира под покровителство на Европската мрежа за превод и книги Традуки.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...