Клара Цеткин искрено би се радувала

139

Берлин е главен град и покраина во Германија со најмалку државни празници. Од следната година тоа најверојатно ќе се промени, бидејќи Берлин би требало Денот на жената – 8 март да го одбележува и како државен празник.

Клара Цеткин искрено би се радувала. Со заложби на оваа германска социјалдемократка, Денот на жената првпат бил прославен на 19 март 1911 година, како во Германија така и во соседните земји.

Меѓутоа од март 2019 година Меѓународниот ден на жената во сојузната покраина Берлин не би требало само да се одбележува, туку и да стане државен празник. Станува збор за заеднички предлог на пратеничките клубови во берлинскиот Парламент на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), партијата Левица и Алијансата Зелени.

Првото читање на предлог-законот беше минатиот месец и предлогот е доставен до Одборот за внатрешни прашања. Гласањето по предлогот Денот на жената да се одбележува како државен празник е закажано за 24 јануари. Така жителите на Берлин на 8 март 2019 година би можеле да имаат слободен ден.

Блебетење за празникот

Еден дел од опозициските пратеници предлагаа за државен празник да се прогласи протестантскиот Ден на реформацијата – 31 октомври. Шефот на пратеничкиот клуб на Христијанско демократската унија (ЦДУ), Штефан Еверс изјави дека анкетите покажуваат оти голем дел од жителите на Берлин се залагаат да му се даде предност на еден христијански празник.

Партијата Алтернатива за Германија (АФД) пак бараше, како што објасни нејзиниот пратеник Мартин Трефцер, за ова прашање граѓаните да се изјаснат на референдум.

Марен-Јаспер Винтер од Слободната демократска партија (ФДП) нагласи дека наместо да се „блебети за празникот“, би било подобро да се работи на усогласување на семејните и работните обврски.

Катина Шуберт од партијата Левица, за разлика од Винтер оцени дека прогласувањето на Денот на жената за државен празник ќе „ја осветли структуралната дискриминација на жените“ и ќе сигнализира солидарност со сите жени ширум светот.

Пратеничката на СПД, Ириси Шпрангер зборуваше за „силниот сигнал за иднината“, а со слични ставови излезе и пратеничката на Зелените Ања Кофингер.

„Ден на жената а ла ДДР“

Во Берлин со месеци се дискутира за воведување на уште еден празник. Досега германскиот главен град, кој има статус и на сојузна покраина, со девет неработни дена важеше за покраина со најмалку празници.

Пратеничките клубови на Левицата, СПД и Зелените дури во ноември годинава се заложија државен празник да биде Денот на жената. Работничките здруженија и евангелиската црква предлагаа тоа да бидеДденот на реформацијата, кој веќе се одбележува како државен празник во сите германски покраини на истокот и северот на земјата, вклучувајќи го и Бранденбург.

Коментаторката на конзервативниот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ го критикуваше прогласувањето на Денот на жената за државен празник, оценувајќи дека станува збор за „Ден на жената а ла ДДР“.

Според неа, прославувањето на Денот на жената во Демократска Република Германија (ДДР) било со цел „да се прикрие машката доминација во државата“.

Како во Западна Германија да беше поинаку. Жените во некомунистичката Западна Германија во 70-те години на минатиот век мораа да бараат и да добијат дозвола од својот сопруг ако сакаат да се вработат.

Да, многу Клари Цеткин би се радувале.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...