Кинески туристи сега нема, ќе ни дојдат во март

Кинезите во принцип, воопшто не слетуваат на македонските аеродроми, туку најчесто на аеродоромите во Белград, Загреб, Софија и другите на Балканот и пошироко во Шенген зоната и потоа со друг вид превоз организирани во групи доаѓаат во земјава.

482

Во земјава престојуваат Кинези, најверојатно и остваруваат деловни врски со компаниите со кои соработуваат, но туристички групи во овој период од годината нема, тврдат туристичките работници, откако во регионот се објавија информации дека туристи од Кина пристигнале во Хрватска и во Србија.

Според нив, може да се очекуваат групи на туристи од средината на март па натаму. Годишно во земјава престојуваат мал број на туристи Кинези и се дел од балканските кружни тури, кои ги организираат странски тур-оператори, со кои соработуваат нашите агенции преку таканаречениот incoming.

– Практично сите домашни туристички агенции соработуваат со странските тур оператори. Но, мислам дека во моментов сме безбедни, затоа што и интересот на кинеските туристи за патување на Балканот во овој период од годината е намален, а аеродромите во земјите од Шенген зоната сепак гарантираат квалитетни мерки на проверка на патниците – вели туристички работник.

Кинезите, во принцип, воопшто не слетуваат на македонските аеродроми, туку најчесто на аеродоромите во Белград, Загреб, Софија и другите на Балканот и пошироко во Шенген зоната и потоа со друг вид превоз организирани во групи доаѓаат во земјава. Причина за ваквата состојба, велат туристичките работници, е компликуваната процедура за вадење македонска виза во Кина и најчесто кинеските туристи доаѓаат со Шенген виза.

– Ова е проблем. Не можеме да се пофалиме дека има развиен туризам со земјата со најголема популација во светот, која се повеќе станува туристичка. Во регионот најмногу кинески туристи доаѓаат во Црна Гора, но поради визниот режим тие скоро и да не доаѓаат во Македонија – вели Аркан Керим од агенцијата „Генералтурист“.

Го контактиравме и Здружението на туристички водичи, од каде што ни рекоа дека само тројца водичи ги водат туристичките групи од Кина. Но, велат, до сега биле ангажирани само со една група, која не била во овој период од годината.

Од Асоцијацијата на хотелиерите на земјава ХОТАМ исто така велат дека во овој перод нема резервации за кинески туристи и ако има, тоа се деловни партнери на домашни компании или работници во кинески инвестиции во земјава.

– Но и во периодот кога имаме туристи од оваа земја, од март натаму, мал е бројот на резервации, бидејќи најчесто се кружни тури од по 15 до 20 туристи кои не се задржуваат долго на едно место – вели Крсто Блажески, претседател на ХОТАМ.

Според него, по информацијата за вирусот во Кина секојдневно варираат берзите, па и туристичката.

– Не може да се претпостави како ќе се шири вирусот и според тоа како ќе реагираат туристите, но засега има пад на туризмот. Сепак, можам да кажам дека вакви ситуации имавме и претходно со „птичјиот“, па со „свинскиот грип“ и „сарсот“, но луѓето не престанаа да патуваат. Прво реагираат со страв, па потоа кога ќе добијат повеќе информации за вирусот и како да се заштитат не го одлагаат патувањето и престојот – вели тој.

Во овој период од годината, според Керим , ретки се патувањата од земјава кон Кина.

– Се патува само ако се има деловни обврски. Вообичаено македонските граѓани патуваат преку Советот за културни врски на кинеската амбасада, кои се бесплатни, бидејќи кинеската амбасада практикува да носи ансамбли и уметници заради размена – вели Керим.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...