Кинеските автобуси раскантани, скопјани пак се возат во „хармоники“

Според проценките на ЈСП кинеските двокатни и нископодните украински автобуси се покажале доста неквалитетни.

4513

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ќе купува нови еколошки автобуси за да се справи со многу честите дефекти кои се случуваат на кинеските и украинските автобуси купени пред седум години. До нивното купување, меѓутоа, скопјани сѐ почесто ќе ги гледаат старите автобуси купени во социјалистичкото време кои се во возна состојба, но големи загадувачи на воздухот.

Од претрпијатието сѐ уште не одлучиле колкав број на автобуси ќе се купуваат и на каков погон ќе возат, но процениле дека најсоодветни за јавниот превоз во Скопје се автобусите на природен гас. Тоа го покажало тестирањето на автобусите на струја и природен гас почнато во мај годинава.

– Тест периодот на автобусот на струја сѐ уште трае, тој уште е дел од јавниот сообраќај. Но, измина доволен период од тестирањето на сите автобуси кои беа на времено користење (на гас и на струја) и одлучено е дека најсоодветни автобуси за јавниот превоз во Скопје се автобуси на природен гас – велат од ЈСП.

Гаранција за планираното задолжување на ЈСП во висина од 10 милиони евра веќе одобри и Градот Скопје и може да се очекува распишување на тендер за ваков вид набавка.

Според проценките на ЈСП, кинеските двокатни и нископодните украински автобуси се покажале доста неквалитетни.

– Тие се расипуваат речиси секојдневно и покрај тоа што се платија премногу, се покажа дека се со многу лош квалитет. Украинските се во многу лоша состојба, со нив едвај врзуваме крај со крај, а проблем постои и со кинеските, пред сѐ, поради непостоење на нивен овластен застапник, па автоматски не постои можност за сервисна и техничка поддршка во секое време. Сепак, и покрај сите околности, ЈСП „Скопје“ со сите расположливи средства се труди да ги одржува возилата во возна состојба и редовно ги сервисира – велат од ЈСП.

Во меѓувреме додека биде донесена одлука за јавна набавка, дефектните автобуси се заменуваат со старите автобуси купени во социјалистичкиот период кои покрај тоа што за патниците се неудобни се големи загадувачи на околината.

– Со оглед на состојбата со возниот парк, ЈСП „Скопје“ приморано е повремено во сообраќај да пушта и автобуси од постарата генерација како не би дошло до прекин на одредена линија. Имено, се случуваат ненадејни дефекти на возилата кои се дел од линискиот превоз и доколку во моментот нема слободно возило од кинеските или украинските, расипаниот автобус се менува со возило од постарата генерација. По потреба, автобуси од постар тип се пуштаат на сите линии – велат од ЈСП.

Овие автобуси покрај што се неудобни за патниците се големи загадувачи на животната средина.

– Се возам со автобус 57 секој ден од 8 до 9 часот и од 16 до 17 часот има по една од старите „хармоники“ автобуси. Внатре е сето прашина. Не работи ниту клима уредот, а за удобноста да не зборуваме. Дополнително ако погледнете колку испуштаат гасови и дека тие најчесто ги има и внатре ќе ја имате целосната слика за патувањето со ваков автобус – вели скопјанец кој секојдневно патува на и од работа со автобус.

Од ЈСП, пак, се правдаат дека е подобро да се одржуваат линиите отколку да нема редовен автобус.

– Нашиот став е дека подобро е линијата да циркулира непречено и да се реализира во дадени моменти макар и со постаро возило, отколку таа да се прекине – додаваат од ЈСП.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...