Кина забрани пристап на туристите на базниот логор за качување на Монт Еверест од Тибет, бидејќи во тек е акција на отстранување на ѓубрето натрупано од бројни, пред се комерцијални експедиции кои го извалкале врвот на светот, објавија кинеските медиуми.
Забраната се однесува на обичните туристи, додека планинарите кои поседуваат потребни дозволи и натаму имаат право да се искачуваат на највисокиот врв на светот.
Пристапот ќе биде затворен од подрачјето над манастирот Ронгпо на околу 5.000 метри надморска висина. Новиот базен логор ќе биде сместен на окулу два километри од досегашниот.
Еверест со висина од 8.848 метри, се наоѓа помеѓу Непал и Кина и изминатите години тоа подрачје освен планинари, во сѐ поголем број го посетуваат и туристи.
Бидејќи пристапот од страната на Непал е многу попопуларен и се создава вистински метеж, планинарите се повеќе поаѓаат од страната на Тибет.