Кинеските провинции и општини денеска соопштија дека повеќе пациенти заразени со новиот коронавирус се излекувале и ги напуштиле болниците.
Вкупно четворица пациенти заразени со вирусот во источната кинеска провинција Џангкси оздравеле и денеска биле отпуштени од болниците, а претходно беше јавено дека закрепнале три лица.
Џанг Веи, експерт од провинцискиот штаб за итни случаи и превенција и контрола на епидемијата во Џангси, изјави дека врз основа на анализи за излечени пациенти, за закрепнување е клучно раното откривање на болеста и навременото лекување.
Југозападната кинеска провинција Сечуан соопшти дека првиот пациент во таа провинција денеска оздравел од пневмонија предизвикана од новиот коронавирус.
Сечуанската провинциска управа за традиционална кинеска медицина соопшти дека пациентот, со презиме Јанг (34), бил изолиран и лекуван во болница во градот Ченгду на 11 јануари.
Јанг бил дијагностициран со коронавирус 10 дена подоцна. За време на изолацијата, тој бил лекуван со традиционална кинеска, но и со западна медицина.
Една 57-годишна пациентка била излекувана и денеска отпуштена од болница во централната кинеска провинција Хунан, која граничи со провинцијата Хубеи, епицентарот на епидемијата.
Во Пекинг еден лекар кој бил заразен со новиот коронавирус откако престојувал во Вухан, денеска исто така бил пуштен од болница откако оздравел.
Тој е петтиот случај во главниот град на Кина кој е излекуван и отпуштен од болница.