Владата во Пекинг им нареди на сите државни органи и јавни институции од своите канцеларии да ја отстранат компјутерската опрема и програми, кои се произведени од други држави, пишува Фајненшл тајмс.
Весникот наведува дека таквиот потег ќе биде евентуално катастрофален за производителите на канцелариски хардвер и софтвер, како што се ХП, Дел и Мајкрософт.
Крајниот рок за примена на овие мерки е три години и претставува дел од големите напори за зајакнување на домашните технолошки компании.
Локалните аналитичари оценуваат дека со новата директива треба да се отстранат меѓу 20 и 30 милиони парчиња опрема, од компјутери до печатари. Тие, исто така, нагласуваат дека наредбата стигнала од седиштето на Комунистичката партија на Кина на почетокот од годинава, но сега е испратено барање да се забрза примената на мерките.
Моментно се проценува дека американските технолошки компании остваруваат 150 милијарди долари приходи во Кина, но најголем дел од заработувачката доаѓа од купувачи од приватниот сектор.
САД и Кина повеќе месеци водат трговска војна, која досега светската економија ја чини десетици милијарди долари.