Во рамки на Фестивалот „Златна лира 2018“ вечерва во Музејот на Град Скопје ќе настапи реномираниот квартет гитари од Минеаполис, САД. На програмата ќе бидат дела од Астор Пјацола, Ј.С. Бах, Хиероми Уехара, Алберто Хинастера, Иан Краус, а составот ќе исполни и две македонски песни – традиционалната „Јовано, Јованке“ и композицијата „Македонско девојче“ од Јонче Христовски, двете во аранжман на Маја Радованлија.
Квартетот гитари од Минеаполис jа восхитува публиката низ САД, Европа и Азија. Негови членови се четворица музичари – Џозеф Хагедорн, Маја Радованлија, Бен Канкел и Вејд Оден, кои градат однос со својата публика особено преку нивниот сценски ангажман и хумор.
– Повеќе од квартет гитари, повеќе од извонредни музичари и повеќе од една камерна група, вели за нив композиторот и изведувач Даниел Бернард Румен.
Квартетот својот репертоар го извел на бројни концертни подиуми низ САД и Мексико. Меѓу позначајните концертни настапи на квартетот се вбројуваат оние со Симфонијата на Остин, Камерниот оркестар на Сент Пол, Оркестарот Минесота и Columbus Symphony. За своите носачи на звук издадени за реномираните издавачки куќи Albany, GSP, Innova, квартетот се здобива со извонредни позитивни оцени од светската критика.
Влезот на концертот е слободен.