Со верификацијата на мострите тутун и со определувањето на повереници на откупните пунктови и на вагите, привршуваат подготовките за стартот на откупот на тутунот од годинашнава реколта. Останува деновиве Државниот земјоделски инспекторат, кој е веќе на теренот, да ги провери условите за откуп на пункотвите во земјава.
Според професор доктор Мирослав Димитриески од Институтот за тутун во Прилеп каде деновиве комисијата за процена вршеше верификација на мострите тутун, годинашнава реколта е помала, се очекуваат околу 22 000 тони туун, со понизок квалитет поради непоиволната година која беше критична за тутунопроизводството.
– Оваа реколта тутун е нешто послаба од ланската. Има потфрлување на квалитетот, особено во првата и втората берба поради врнежите и влажноста при процесот на сушењето па се очекува и цената да биде нешто пониска од ланската просечна од 217 денари. Но, понудата и побарувачката на тутун ќе ја одредат цената. Во Македонија целокупното производство е исклучиво од ориенталски типови тутун – изјави Димитриески.
Алириза Елези, советник во Министерството за земјоделство вели дека се преземаат сите мерки за непречен почеток на откупот.
– Министерството за земјоделство ги презема сите мерки за задоволување на условите за квалитетен и непречен откуп на тутунот. Во соработка со откупувачите и со производителите, како и со државниот земјоделски инспекторат, Министерството ја формираше комисијата за процена на тутунот и во Институтот за тутун веќе заврши верификацијата на мострите. Деновиве инспекторатот ги проверува пунктовите по што откупувачите ќе може да почнат со преземање на договорените количества тутун – вели Елези.
Годинава има повеќе ваги, што значи ќе дадат можност за побрз откуп на тутунот. Од ланските 184, годинава вагите се зголемени на 220. Се очекува реколтата да тежи од 22 до 23 000 тони. Деветте откупувачи во земјава пријавија побарувања од 28 000 тони тутун.
Али Асали од Сојузот на тутунските здруженија на Македонија смета дека ќе има поголема побарувачка која ќе ја зголеми цената.
– Како Сојуз сме подготвени и утре да почне откупот. Опфатени се сите пунктови и ваги во земјава со повереници кои ќе го следат текот на откупот. Годинава ќе биде голема побарувачката и се надеваме дека барем приближно ќе ја достигнеме ланската просечна цена од 217 денари – вели Асали.
Надежите за постигнување повисока цена не ги крие и Гоце Јончески, тутунопроизводител од Прилепско.
– Родум сум од Заполжани каде го садам тутунот. Реколтата е квалитетна и очекувам цената да не биде под 240 односно 250 денари. Имам 24 декари и околу 4,5 до 5 тона тутун. За да биде исплатлив, реално, цената не треба да биде под 300 денари за килограм, без субвенциите – вели Јончески.
Според Данчо Милески од прилепското тутунско здружение „Мице Козар“, како што се зголемија субвенциите, треба да се зголемат и цените по класи.
– Добро е што имаме зголемување на субвенциите: 80 денари за прва, 70 за втора и 60 денари за трета класа. Токму затоа, кога владата дава, сакавме тоа да го направат и откупувачите. Ние побаравме за 20 насто да се зголемат откупните цени по класи, но откупувачите понудија зголемување од неколку проценти. Сега по класи цените се движат: за прва околу 280 денари, за втора 200, а третата класа е околу 145 односно 148 денари за килограм. Цените мора да се покачат со анекс на договорот – објаснува Милески.
Само еден од деветте откупувачи, компанијата „Пашоски“ најавила почеток на откупот на 15 ноември, а крајниот рок е 15 декември. Во меѓувреме се апелира до тутунарите да внимаваат на тутунот, да не ги изнесуваат балињата на отворено поради кражбите. Тоа се случило и деновиве, кога на тутунар му се украдени откако ги изнесол балињата во дворот. Годинава имаше кражби на тутун и од скелиња.
Инаку, Пелагонискиот, од трите производствени региони во земјава е најголем со 70 насто од целото количество, 8 насто од вкупните количества тутун се произведени во Повардарието и 22 насто во Источниот дел од земјава. Во Прилепско се произведени околу 4000 тони, што е за околу 400 тони помалку од лани и се склучени 4 000 договори.