Квалитетна филмска програма и познати имиња на 39.издание на „Браќа Манаки“

109

Квалитетна филмска програма и познати имиња на светската кинематографија се очекуваат на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе се одржи од 22 до 29 септември во Битола, а чии подготовки влегуваат во својата завршница.

Од ИФФК „Браќа Манаки“ соопштија дека годинава ќе има 14 програми, а проширен е и кругот на селектори кои ги обликуваат програмите.

Новина е програмата „Филмски класици – Полноќен јавач“, која вклучува филмови од светската филмска антологија, за кои помладата генерација има можеби само слушнато или прочитано. Селектор на програмата е италијанскиот режисер, кој живее во Битола, Микеле де Анѓелис, а која за публиката ќе понуди четири филма од хорор-жанрот во полноќните фестивалски часови.

Во главната програма, пак, се вклучени најновите филмски продукции на големите мајстори на филмската фотографија, што ја фасцинираа публиката и критиката, во селекција на Благоја Куновски – Доре.

– Оваа година фокус ќе биде ставен на студентската програма. Годинава ќе има студенти од 15 филмски академии, најмногу досега од почетокот на основањето на фестивалот, а тие доаѓаат со свои филмови, по чии проекции ќе има дискусии и разговори. За студентите подготвуваме и средби со филмските автори, кои со нив ќе ги споделат своите искуства – вели директорката на Фестивалот, Гена Теодосиевска.

Од ИФФК посочуваат дека и годинава ќе биде изработен фестивалскиот промотивен видео спот, под режисерската палка на Вардан Тозија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...