Раперот Кање Вест го запали интернетот со десетици објави на Твитер со кои му дава отворена поддршка на американскиот претседател Доналд Трамп, потег што во светот на шоу бизнисот во САД се смета за голем грев.
Кање објави фотографија од едно од препознатливите црвени капчиња потпишани од Доналд Трамп со пораката „Да ја направиме Америка повторно голема“. Трамп му возврати со неговиот слоган – МАГА. Во друга порака, Кање го критикуваше претходниот претседател на САД, Барак Обама, велејќи дека во својот мандат не направил ништо за неговиот град Чикаго. Врв на коментарите на Кање беше кусата Твитер порака „2024“, што алудира на можноста да се кандидира за претседател на изборите во 2024 година. Во еден од коментарите Кање го промовираше и својот слоган за изборите во 2024 година – „Да направиме Америка да остане голема“.
– Не мора да се согласувам сo Трамп, но толпата нема да ме натера да не го сакам. Ние двајцата сме змејска енергија. Тој е мојот брат. Ги сакам сите. Не се согласувам со се што секој човек прави. Затоа сме индивидуалци. Имаме право на независно размислување, напиша Кање во една од неговите пораки.
На неочекуваниот политички активизам на Кање се приклучи и неговиот сограѓанин, раперот Ченс, кој објави дека „црнците не мора да бидат демократи“.
Реакциите од светот на шоу бизнисот се главно негативни, со повици до Кање да престане со поддршката за Трамп и сомневање во неговото душевно здравје. Сопругата на раперот, реални шоу ѕвездата Ким Кардашијан, ги оправда неговите постапки.
– Тој размислува слободно, зар тоа не е дозволено во Америка?! Само зашто има ставови различни од вашите, треба ли да го сметате за луд?! Тоа не е фер. Тој само сака да биде тоа што е и да се изрази себеси, напиша Кардашијан на Твитер.
Натаму во коментарот таа додава дека Кање никогаш не рекол дека се сложува со политиката на Трамп.