Агенцијата за катастар на недвижности прибира податоци од терен за воспоставување на Графички регистар на улици и куќни броеви кој ќе прерасне во Адресен регистер за целата територија на државата. Овој регистер ќе содржи просторни и описни податоци за улиците и куќните броеви, прибрани од терен, поединечно по населено место.
Во периодот од 20 јануари до 2 април Агенцијата за катастар на недвижности ќе прибира теренски податоците во 11 градови во земјава:
1. ЛОЗОВО – од 20.1.2020 год. до 27.1.2020 год.
2. ГРАДСКО – од 20.1.2020 год. до 27.1.2020 год.
3. НЕГОТИНО – од 20.1.2020 год. до 19.2.2020 год.
4. КИЧЕВО – од 22.1.2020 год. до 19.3.2020 год.
5. КУМАНОВО – од 28.1.2020 год. до 13.4.2020 год.
6. БИТОЛА – од 24.2.2020 год. до 04.5.2020 год.
7. ЦЕНТАР ЖУПА – од 20.3.2020 год. до 26.3.2020 год.
8. ДЕБАР – од 26.3.2020 год. до 10.4.2020 год.
9. МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА – од 14.4.2020 год. до 28.4.2020 год.
10. КОЧАНИ – од 28.1.2020 год. до 2.3.2020 год.
11. ГОСТИВАР – од 10.2.2020 год. до 02.4.2020 год.
Од Катастарот апелираат граѓаните да им излезат во пресрет на екипите кои ги прибираат теренските податоци, да им ги дадат потребните податоци и информации и да им овозможат фотографирање на објектите.
Со теренското прибирање на податоци за улици и куќни броеви ќе се соберат просторни и описни податоци за улиците и куќните броеви на лице место и ќе се добие јасна слика која улица каде се наоѓа и кои куќни броеви се однесуваат на неа, како и во кое населено место.
Од востановениот Адресен регистер придобивки покрај Агенцијата за катастар на недвижности, ќе имаат сите државни институции, како и сите правни и физички лица. Со него ќе се овозможи брз и лесен начин за пребарување и идентификација на улиците, зградите и становите во просторот, ќе се поедностават и скратат роковите за воведување на нови улици и ќе се осигура точност на податоците.