Македонската опера и балет го најавува почетокот на новата сезона 2018/19 година со моќната изведба на најпопуларната сценска кантата Кармина Бурана од германскиот композитор Карл Орф.
На 28 и 29 септември со почеток во 20 часот публиката ќе може да дојде и да ужива на средба со страста, љубовта и животните радости, како и вечниот сон за среќата, владетелка на светот.
Кореографијата и либретото на претставата e на Кан Аслан од Турција, сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимите за операта ги направи Елена Дончева, а за балетот Гизем Бетил од Турција. Асистент на кореографот е Ана Лусија Фереира од Португалија, а асистент режисер е Дејан Прошев.
Под диригентската палка на Бисера Чадловска и хор мајсторите Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ настапуваат хорот, оркестарот, оперските и балетските солисти.
Во претставата покрај хорот, оркестарот и солистите настапува и комплетниот оперско-балетски ансамбл на Македонската опера и балет.