Караџиќ осуден на доживотен затвор

72
ФОТО: МИА

Жалбениот совет на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, наследник на Хашкиот трибунал, денеска, по три години жалбена постапка, ја изрече второстепената пресуда на поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, со која тој е осуден на казна доживотен затвор.

Судскиот совет на Хашкиот трибунал во март 2016 година го осуди Караџиќ на 40 години затвор за геноцид во Сребреница и злосторства извршени против човештвото во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.

Жалбениот совет денеска се согласи со Обвинителството дека казната од 40 години е несоодветна со оглед на сериозноста на злосторствата на Караџиќ и дека пресудата на Судскиот совет е неразумна и неправедна и дека тој направил грешка кога изрекол казна затвор во траење од 40 години

Жалбениот совет делумно прифати само една од жалбите на Караџиќ на пресудата, а ги одби сите останати, меѓу кои и за неговата одговорност за „масакрот во Сараево“, „тероризирање на Сараевчани“,  за злосторства во 20 босански населени места, како за „неправично судење“.

Со првостепената пресуда, Караџиќ беше ослободен само за една точка од обвиненијата – за геноцид против несрпското население во седум општини во БиХ, но осуден е за другите 10 точки.

Исто така, според првостепената пресуда, Караџиќ сноси индивидуална кривична одговорност за прогон, истребување, убиство, депортација и присилно раселување на населението во наведените општини.

Караџиќ, како и обвинителството на Хашкиот трибунал, поднесоа жалба против таа одлука. Обвинителите бараат доживотен затвор, а одбраната ослободителна пресуда.

Караџиќ беше уапсен во Белград на 21 јули 2008 година, а девет дена подоцна беше екстрадиран во Хаг. Тој долги години се криеше во Србија под лажен идентитет Драган Дабиќ, доктор по алтернативна медицина.

Неговото судење започна во октомври 2009 година и заврши со првостепена пресуда во март 2016 година, вкупно траејќи 499 дена. Судскиот совет сослуша 586 сведоци.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...