Професорот по логика и метафизика на универзитетот во Кенизбург,гратче во кое го поминал целиот свој живот и во кое домаќинките ги навивале своите часовници според времето на неговите редовни попладневни прошетки, со ентузијазам ги поздравил победите на Американската и на Француската револуција.
Заради поддршката на таквите револуционерни принципи, тој бил наречен „јакобинец“ и бил подложен на кралска забрана да предава предмети од областа на религијата. Денес, се повикувам на Емануел Кант да ни помогне да излеземе од моралниот и правниот хаос во кој западна македонското општество.
Тој, имено, нуди критериум кој ми помагал и мене во животот, според кој можеме да ги цениме дејствијата на луѓето: дали се тие праведни или неправедни, дали се тие морални или неморални. Внимателно прочитајте ги овие редови на Кант, кои можат и вам да ви послужат како компас во политиката, но и во животот.
„Сите дејствија што се однесуваат на правото на други луѓе се неправедни, доколку нивната максима не е конзистентна со јавноста“.
Имено, „максима која не може да биде обелоденета без да ја порази својата сопствена цел, мора да се држи во тајност за да успее; ако јас не можам нешто јавно да признаам без да предизвикам сеопшто протиставување на мојот проект, тоа нужно и сеопфатно протиставување, кое може да се предвиди, се должи само на неправдата со која оваа максима им се заканува на сите“. Зашто, „ако еден политички став или дејство може да ја оствари својата цел само јавно, тој мора да биде во согласност со универзалната цел на луѓето, среќата, а вистинската задача на политиката е да го промовира токму тоа, т.е. да ја направи јавноста задоволна со својата состојба“.
Значи, во контекстот на обелоденувањето на телефонските разговори на високите функционери на власта, оваа мисла на Кант може да биде лакмусовиот тест за правдата или неправдата, за моралот или неморалот.
Го земам најблагиот (?) пример: Ако дејствието наречено блокирање на лифтови во изборен ден со цел повозрасните граѓани да не можат да гласаат може слободно да се обелодени и не мора да се држи во тајност, ако е конзистентно со среќата на луѓето, тогаш дејствието е праведно и морално. Ако не, тогаш тоа е неправедно и неморално.
Тогаш, тие што го прават тоа, а не чувствуваат морална потреба да поднесат оставки, да го цитирам Никола Гелевски, се„ бараби“ а не цивилизирани луѓе, какви што би требале да бидат за да водат држава.
Слободно продолжете ја листата, споредувајќи го овој принцип на Кант со содржината на сите објавени материјали, како и со оние кои допрва ќе се објавуваат.