Врвни инструктори од канадската школа за бизнис „Ричард Ајви“ ќе ги пренесат своите практични познавања и совети за водење успешен бизнис на единаесетото издание на проектот „Лидер“ организиран од Македонија 2025.
„Интересот од година во година е сѐ поголем од страна на претприемачите кои сакаат да се стекнат со нови знаења и да ги имплементираат во своите бизниси со цел Македонија да постигне успех во извозот. Со над 350 алумни и со постојано проширување на соработката со други организации од регионот, проектот „Лидер“ е една од највлијателните обуки за бизнис вештини во нашата земја – изјави Билјана Марковиќ Стаменова, Извршна директорка на Македонија2025.
Волфганг Марингер, претседавач на „Лидер“ и генерален директор на Арцелор Митал – Скопје потенцира дека проектот им ја посочува на претприемачите бизнис реалноста со сите потенцијални пречки и начините за нивно надминување, ги оспособува да дискутираат за прашања кои инаку би ги сметале за помалку важни, без ваков вид на обука. Сепак, најважно е тоа што ги охрабрува да ја преземат судбината во свои раце, што пак е предуслов за градење на одржлива економија во Македонија.
Канадскиот инструктор и извршен директор на „Лидер“ Џејмс Елмхирст истакна дека главната цел на проектот ЛИДЕР е да им помогне на талентираните македонски претприемачи да ги претворат своите идеи во успешни бизниси.
Годинава на проектот ќе учествуваат 35 македонски претприемачи од најразлични сектори.