Камила Кабељо триумфира, Аријана Гранде без награда

Камила зад себе ги остави американската пејачка Аријана Гранде, канадскиот рапер Дрејк, британската пејачка Дуа Лупа и американскиот рапер Пост Малоун

238

Кубанско-американската пејачка Камила Кабељо триумфира на годинашното доделување на европските награди Ем-ти-ви, освојувајќи ги признанијата за главните награди – најдобар изведувач, најдобра песна (нејзиниот хит „Havana“) и најдобро видео. Инаку, таа беше номинирана во вкупно шест категории.

Во категоријата најдобар изведувач, Камила (21) зад себе ги остави американската пејачка Аријана Гранде, канадскиот рапер Дрејк, британската пејачка Дуа Лупа и американскиот рапер Пост Малоун.

Наградени ѕвезди

Пејачката Дуа Липа ја понесе наградата за најдобар поп-уметник во конкуренција со Аријана Гранде (годинава не освои ниту едно признание), Камила Кабељо, Хејли Стејнфилд и Шон Мендес.

За најдобар нов уметник беше прогласена Карди Би, додека за најдобар изглед титулата ја понесе Ники Минаж, која исто така освои и награда за најдобар хип-хоп уметник.

Шон Мендес триумфира во категоријата најдобар настап во живо, а меѓу рокерите победија „5 секондс оф самер“.

Жените доминираа

Европските музички награди Ем-ти-ви се доделија по 25-ти пат. Овој пат, најзвучните имиња од светот на музиката се собраа на  церемонија во Билбао, Шпанија.

Годинава пејачката Џенет Џексон ја доби награда за глобална икона.

За манифестацијата што се одржа на 4 ноември, популарниот „Билборд“ забележа: Камила Кабељо, Ники Минаж и Џенет Џексон го украдоа шоуто. Жените ги собраа главните награди на Ем-ти-ви ЕМА 2018 и имаа извонредни настапи на доделувањето на наградите.

Мода

На црвениот тепих на доделувањето на признанијата за најдобри европски Ем-ти-ви награди можеше да се видат најразновидни комбинации. Од куси и проѕирни фустанчиња, до софистицирани костуми и елегантни тоалети.

Домаќинката на церемонијата Хајли Стејнфилд на црвениот тепих се појави во кратко, сребрено фустанче, Дуа Липа во црно кусо фустанче со розово-зелени шари и длабок „ве“ израз. Победничката на вечерта, пак, Камила Кабељо, носеше долга црвена тоалета на тенки прерамки. Момчињата претежно беа во црни костуми или други модни комбинации исто така во црна боја, но имаше и такви што на црвениот тепих се појавија во јакни и патики.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...