Камерун: Ослободени сите 79 ученици, во заложништво уште две возрасни лица

77

Црковен претставник во Камерун изјави дека киднаперите ослободиле 79 ученици, но во заточеништво се уште се двајца од вработените во училиштето.

Модераторот на камерунската Пресбитеријанска црква, Фонки Самјуел Форба, изјави дека киднапираните деца биле оставени во црква во близина на Беменда, главниот град на северозападниот камерунски регион.

Тој додаде дека Пресбитеранскиот интернат, кој го посетуваат 700 ученици е затворен поради безбедносни мерки.

Во понеделникот 79 ученици, заедно со директорот и возачот на училиштето беа киднапирани во Беменда. Киднаперите не бараа пари, туку да се затворат училиштата.

Тоа е прво масовно киднапирање во Камерун, за разлика од соседна Нигерија, каде џихадистичката група Боко харам често зема заложници.

Претходно, групата „Амба момчиња“ (Amba boys) на социјалните мрежи објави видео снимка со киднапираните деца. Името „Амба момчиња“ алудира на самопрогласената држава Амбазонија, каде вооружени сепаратисти се обидуваат да воспостават контрола врз северозападните и југозападните региони на Камерун.

Двата камерунски региони каде се зборува англискиот јазик се во политичка криза од 2016 година, која кон крајот на минатата година прерасна во вооружен конфликт. Речиси секојдневно има судири помеѓу армијата и сепаратистите.

Сепаратистите ги бојкотираат училиштата, тврдејќи дека франкофонскиот школски систем ги маргинализира учениците кои зборуваат англиски јазик. Затоа бунтовниците често напаѓаат и училишта.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...