Уметниците на Камерниот оркестар на музичката младина на Македонија се редовни учесници на Фестивалот „Охридско лето“. За нив вечерва е резервирана сцената на катедралната црква „Света Софија“, каде овојпат ќе се претстават со избрани дела на Вивалди, Аренски, Барток, Пјацола, Блази, Григ.
Камерниот оркестар на музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ е основан пред повеќе од 30 години, како прв сегмент на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија во 1986 година. Денес овој ансамбл претставува прв и единствен од ваков вид на просторите на југоисточна Европа.
Составен е од студенти на Факултетот за музичка уметност од Скопје, но во него често може да се сретнат и млади музичари од други земји. Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија со своето музицирање во сиот овој период се наметна како изведувачки состав со високо професионални квалитети.
Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле значајни имиња од македонската музичка сцена: Фимчо Муратовски, Горјан Коруновски, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Мирослав Спасов, Борјан Цанев, Бисера Чадловска, Олег Кондратенко, но и познати странски диригенти како: Арилд Ремерајт, Миша Кац, Џанлука Мартиненги и др. Досега оркестарот има реализирано повеќе од 90 концерти, одлично прифатени од слушателите и критиката, а добитник е и на национални награди и признанија.