Грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, преку неговиот официјален Твитер профил ги демантира објавените информации во весникот „Ефимерида тон синдактон”, дека телефонски разговарал со премиерот и објаснува дека предлогот пред претставниците на американската администрација бил даден од него како коалициски партнер, и го обврзува само него, јави дописничката на МИА од Атина.
„Изјавувам: Не сум разговарал со премиерот, затоа што не е сменето ништо од договореното. Второ, како коалициски партнер во владата доставив предлог што ме обврзува само мене и трето, споменатите бази веќе фунционираат“, напиша Каменос на неговиот официјален Твитер профил, упатувајќи остри обвинувања до весникот дека „продолжуваат целосно лажните натписи од познати центри преку „Ефимерида тон синдактон”.
Од весникот возвратија на одговорот на Каменос и велат дека за телефонскиот разговор нивните информации се проверени, дека во САД тој беше како министер за одбрана, „лични мислења може да има колку сака, но да ги доставува на приватни средби, а не за време на официјални контакти како министер и претставник на земјата”.
Како што утрово објави МИА, предлозите со „планот Б“ на министерот за одбрана на Грција, за Договорот од Преспа со потпишување меѓудржавни договори со земјите од регионот и отворање на нови американски воени бази во Грција, предизвикаа реакции како од грчките партии, така и во грчките медиуми. А според весникот „Ефимерида тон синдактон” имало телефонски разговор меѓу Ципрас и Каменос, по иницијатива на грчкиот премиер кој побарал објаснување од неговиот коалициски партнер, Каменос рекол дека немал намера да создаде проблеми, а изјавите биле во рамки на разговорите и ништо не било официјално презентирано.