Каматата за кредитите од проектот „Купи куќа, купи стан“ паѓаат на 2,9 отсто

Со измените на законот се намалуваат каматните стапки се предлагаатнови поволни модели и се прецизираат условите за добивање на субвенциониран станбен кредит .

223

Заштеда до 1.300 евра за кредит од 50.000 евра ќе имаат граѓаните кои ќе користат субвенции за кредити од проектот „Купи куќа, купи стан“, според предложените измени на Законот за субвенционирање на станбен кредит кои денеска беа претставени пред банкарската асоцијација.

Според она што го кажа министерот за финансии Драган Тевдовски, на презентацијата, со измените на законот се намалуваат каматните стапки се предлагаатнови поволни модели и се прецизираат условите за добивање на субвенциониран станбен кредит .

-Најголема новина и поволност за граѓаните е значителното намалување на каматните стапки. Каматните стапки за првиот модел, во кој државата субвенционира дел од месечната рата, ги намалуваме од 3,95 отсто на 2,9 отсто за првите 3 години. За четвртата и петата година каматите ги намалуваме од 4,44 отсто на 3,9 отсто. Ова се во моментот најниски каматни стапки за станбен кредит на пазарот. Намалувањето на каматните стапки значи сериозна заштеда за граѓаните. На пример, за кредит од 50.000 евра, само по основ на камати граѓаните ќе заштедат 1.300 евра – рече Тевдовски.

Како што информира Тевдовски, се намалува и каматната стапка за моделот „Учество“. Имено наместо досегашната стапка од 4,5отсто плус 6-месечен Еурибор, со измените каматата ќе биде 4 отсто плус 6-месечен Еурибор. Инаку оваа камата важи за цело времетраење на исплата на кредитот.

Предложени се и нови модели на субвенционирање кои ќе обезбедат подобри услови, особено за младите.

Со моделот „Купи стан за млади“ се субвенционира 70 отсто од месечна рата (главнина и камата) во првите пет години или 70 отсто од учеството. Со ова ќе се обезбедат за повисоки субвенции за околу 2.500 евра во однос на порано.

– Одиме и чекор понатаму за поддршка на граѓаните кои планираат да формираат или да го зголемат семејството. Едногодишна субвенција на месечната рата (главнина и камата) во висина од 30 отсто за секое родено или посвоено дете за корисниците на кредитите кои ќе го зголемат семејството во рок од 10 години од добивање на кредит преку проектот „Купи куќа, купи стан“- рече Тевдовски.

Министерот посочи дека со измените на законот се прецизираат и условите во проектот, со цел истиот да го искористат оние кои навистина имаат потреба од него.
Се воведува ограничување на големината на становите и куќите за да се избегне финансирање на луксуз. Наместо максимум „приходите по основ на плата“, се воведува „максимум по основ на вкупни приходи“. Се уредуваат и случаите кога корисниците поседуваат друг недвижен имот или имаат наследство или дар на делови од станбена единици. Сите овие промени се во насока подобро да се таргетираат оние на кои навистина им е потребна помош, како што истакна министерот.

Претседателот на Македонската банкарска асоцијација Коста Митровски ги повика банките што не се вклучени во проектот, бидејќи на тој начин ќе се обезбедат подобри услуги за граѓаните.

-Ние сме општествено одговорни банки и влегуваме во проектот да покажеме и одредена солидарност за одредени луѓе кои не можат да дојдат до стан. Ние сме подготвени да работиме на рентабилна нула само да покажеме дека банките се општествено одговорни и мислат на граѓаните – рече Митровски.

Тој додаде дека во овој проект се вклучени осум банки и оти како Асоцијација ќе ги предложат условите и на другите банки што се членки на Асоцијатацијата, а бројат 15, да се вклучат.

Проектот беше воведен во 2011 година, од претходната владина гарнитура, а почна да се применува од 2012 година без прекин. Последниот оглас е објавен на 18 јануари годинава, а средствата што се предвидени се два милиона евра. Новите услови ќе важат откако ќе биде усвоен во Собранието. Досега најголем интерес имало за проектот со субвенционирање на рата и за купување стан. Просечно се земале кредити од 37.000 евра, со просечна плата на корисниците од 25.000 денари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...