Како куќите да се греат на парно кога приклучокот е изгор скап?

Од БЕГ која има една од трите лиценци за снабдување со топлинска енергија во Скопје појаснуваат дека цената на приклучокот зависи од оддалеченоста на објектот од дистрибутивната мрежа, а трошокот за изведба на приклучокот е на товар на инвеститорот.

2825

Како што се зголемува загадувањето во Скопје сѐ поинтензивни се апелите од еколозите и институциите одговорни за справување со загадувањето, граѓаните да го заменат грењето на домовите со парно или помалку загадувачки енергенси гас електрична енергија или пелети.

Близу 7.000 евра чини приклучување на системот за централно греење на куќа со грејна површина од 60 м2 во која се вклучени трошоците за приклучување, топлинска станица, внатрешна инсталација и уредите за греење, покажуваат пресметките кои за Плусинфо ги направија во Балкан енерџи груп (БЕГ).

Од БЕГ која има една од трите лиценци за снабдување со топлинска енергија во Скопје појаснуваат дека цената на приклучокот зависи од оддалеченоста на објектот од дистрибутивната мрежа, а трошокот за изведба на приклучокот е на товар на инвеститорот, односно граѓанинот и тој зависи од дијаметарот и должината на цевката со која објектот се приклучува на дистрибутивната мрежа. Просечна цена за изведба на приклучок за куќа (ДН32) изнесува 100 евра за метар должен.

Во вкупната цена од околу 425.000 денари (6.900 евра) што треба да ја плати граѓанинот за да ја приклучи куќата на парно влегуваат:

– Изработка на Основен проект за приклучок со вклучена ревизија 30.000 денари.
– Такса за приклучок на дистрибутивна мрежа 3.185 денари/kW (за куќа од 60м2, просечна инсталирана моќност изнесува 8 kW, односно приклучната такса ќе изнесува 25.480 денари).

– Изведба на приклучок, просечна цена 6.100 денари/m2 (просечна должина на приклучок за куќа изнесува 12 метри, односно изведбата на приклучокот ќе изнесува околу 70.000 денари).

Цената на топлинска станица со вклучена монтажа изнесува околу 210.000 денари
Внатрешна грејна инсталација и уреди за греење (радијатори) за куќа со грејна површина од 60м2 изнесува околу 90.000 денари.

И тоа не е сѐ, инвестицијата за приклучување на парно ќе ве чини и додатно време кое е потребно од поднесувањето на барањето за приклучување па сѐ до добивањето на топлината во домот.

Постапката тече по следниот редослед:
Прво треба да се поднесе барање за приклучување на дистрибутивната мрежа, во кое ќе приложи основен проект за внатрешната грејна инсталација на објектот.

Операторот на системот за дистрибуција на топлина, во случајот БЕГ, издава Енергетска согласност за приклучување на дистрибутивната мрежа и изготвува Техничко решение за топлинската станица.

Врз основа на издадената Енергетска согласност и Техничкото решение за топлинската станица, инвеститорот изготвува Проект за приклучок на дистрибутивната мрежа кој се доставува на верификација од страна на операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија.

По одобрувањето на Проектот за приклучок на дистрибутивната мрежа од страна на операторот на системот инвеститорот започнува со изведба на приклучокот и топлинската станица, под надзор на операторот на системот.

По завршување на изведбата на приклучокот и топлинската станица, инвеститорот до Снабдувачот со топлина поднесува барање на испорака на топлинска енергија

Балкан енерџи груп (БЕГ) согласно лиценцата која ја поседува може да врши дистрибуција на топлина на подрачјето на Град Скопје, односно на делови од подрачјата на општините Аеродром, дел од Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...