Ние Македонците сме сериозен народ и сите наши проблеми (и туѓи понекогаш) ги решаваме „системски“. Оти, ништо не може да се реши од денес за утре. Барем не квалитетно. И Рим, како што често вели еден мој пријател, не бил изграден за три дена. А кога Римјаните брзале, како другарот Еразмо Ротердамски, на пример, знаеле и опасно да утнат. Така, преведувајќи една поема на старогрчкиот поет Хесиод, тој Еразмо, ќупот што го носела в раце сеопфатно надарената Пандора (да не ме разберете погрешно, тоа, во прецизен превод, значи нејзиното име – надарена за сѐ), го превел како кутија. Во која, според легендата нели, се собрани сите зла.
Затоа, не треба да се брза и проблемите мора да се решаваат темелно. И претходно да се промислуваат. За да не се изгубиме во преводот. И во незнењето. Оти, ако Пандорината кутија, на пример, од незнаење или од љубопитство непромислено се отвори, или, што би рекол Заев, ако таа се рашири – тоа кога премиерот ни вети дека Пандорината кутија нема да се шири, ако ви текнува – од неа ќе излезат сите зла, а такви какви што сме, несреќници, дури ни надежта нема да остане во неа заробена, како што е предвидено во легендата. Нели чувствувате дека Пандора до толку ја раширила таа нејзината што и да е (ќуп-ка ли е, кутија ли е, или нешто трето), што и надежта полека почнува да нѐ напушта?
Видовте, не го послушавме ние Заев кога ни рече „кој сум јас да ја ширам Пандорината кутија“ (а што, не рече така?) и оп, од тоа ќупката на надаренава излезе Рамковниот договор и шлааап, право во пре-ампулата! И оди ти после објаснувај: ќе сме ја зајакнеле стабилноста, пре-ампулата немала никакво значење, ти реков ми рече… Па ако немала никакво значење, оти тогаш во неа ставаме сѐ и сешто? И ако е така, оти, како што предлага оној Илија Димовски, во неа да не се ејакулираат и Правилата на востаничкиот комитет на Кресненското востание, Уставот на ТМОРО и сите други зла што ги има пуштено ова нашево македонско Пандорче од тоа кутивчето нејзино?
Мала дигресија тука, заради јазична исправка. Не се викало пре-ампула. Всушност, не се вика воопшто, се зборува тивко, што ќе рече „се вели“, а се слуша и се осеќа навистина така меко, но се пишува тврдо, „преамбула“, што, според најновите толкувања, значи дел од Уставот кој не значи ништо, а служи за украс и повремено за заебавање со злото.
И затоа, да скратам, се исплашив кога слушнав дека е најавена седница на владата за кучешкото прашање во Македонија, кое сѐ повеќе добива на актуелност. Јас кога бев аџамија новинар, мислев дека тоа е прашање со кое се занимаваат само локалните власти, иако се согласувам дека во нашиов актуелен случај, би можело да биде дури и опасно во Скопје, на пример, да се остави тоа прашање да го решава Петре Шилегов со дружината советници. Децата имаат навистина бујна фантазија. Они го измислија зиплајното, ако ви текнува, а сега се на добар пат да измислат и подвижни лизгалишта (на тркала). Кој знае што сѐ може да им истекне ако брцнат во кутијата на Пандора, за да побараат решение за скопските кучиња скитници.
Како и да е, не очекувајте од мене да импровизирам и да кажам нешто паметно за кучешкото прашање. На толку експерти на темава, кој сум јас да кажам што треба да се прави со кучињата скитници? Мислам, ништо посебно… Евентуално да се замолат доброволно да го напуштат центарот на Скопје и да не ни ги апаат туристиве што се насладуваат на убавините на „Скопје 2014“. (Патем речено, немаме ли ништо изградено на тема Пандора надарената и нејзината ќупка, освен Надежта што ни се дави во Вардар, заедно со Верата и со Љубовта?).
Да заклучам. Јас не можам да сфатам каде е проблемот со кучињава. Но, веројатно тоа е така зашто немам чувство за народните проблеми и осет за приоритети. Сум се однародил, тоа е. А најнародниот меѓу народните куртони на локалнава власт, на пример, лесно го препознава проблемот (што ти е дарба!) и веднаш предлага тој да се реши по „сељачки“, што за него, а изгледа и за дел од голобрадиве мудреци околу Петре и Заев, е синоним за „народен“ пристап. Но, за срејча, ние си имаме урбана влада, која на проблемите гледа стратешки, па и овој ѓоамити проблем ќе се решава стратешки, ќе се формира комисија, ќе се донесе некаков закон што нема да се почитува (нормално) и на крајот можеби решението ќе стане дел од пре-ампулата, заедно со Правилата на востаничкиот комитет од Кресна.
Значи, во овој момент, кучињата, сите со примања под 90.000 денари нето и останатите физички и правни лица што не се опфатени со генијалните владини решенија во прогрес, ич да не му се секираат. Пораката од Заев Доследниот е јасна – Пандора да не ја шири! Засега. Барем оваа недела до две…
ПС. Мало дообјаснување од јазична природа. Ова „Доследниот“ е име што го изведов од фразата „до следниот“, со значење – до следното, до следната прилика, до првата следна заебанција. Ај чао.