Каде отидоа некогашните велешки фабрики?

Многумина некогашни работници на „Порцеланка“, „Топилницата“, „Свиларата“, „Лозар“, „Маслодајна“, „Жито Вардар“, „Киро Чучук“ и многу други велешки фабрика и денес, по толку години, се прашуваат што стана со нивните фабрики и со нивните директори.

262

Многумина некогашни работници на „Порцеланка“, „Топилницата“, „Свиларата“, „Лозар“, „Маслодајна“, „Жито Вардар“, „Киро Ќучук“ и многу други велешки фабрика и денес, по толку години, се прашуваат што стана со нивните фабрики и со нивните директори. Фабриките згаснаа. А каде отидоа директорите, првите луѓе? Дали и нив ги снајде истата судбина како како што ги најде работниците? Останаа ли и тие на улица и без работа и без егзистенција? Или, како што вели народната заминаа тивко и многу од нив и денес живеат како „бубрег во лој!“. Додека работниците „очи си вадеа“ едни со други, тие си зедоа се. Не колку што им следуваше туку и многу повеќе од тоа. За синовите, па и за внуците зедоа. Се заборавија колку зедоа. И тивко, како „херои“ си заминаа.

А работниците во нив го гледаа својот спас. За жал така не мислеа директорите. Мислеа само за себе. Ги оставија работниците. Тие си го најдоа крајот. Или зедоа големи пензии или пак се префрлија во други компании, кај нивни пријатели. За жал некои денес повеќе ги нема. Заминаа од овој свет. Некои, пак, и понатаму се „газди“. И тоа големи газди. Она што го зедоа не им го вратија на работниците? Им го оставија на синовите, ќерките кои со туѓи пари направија фабрики. Сега тие станаа газди. Дојдоа на местото на нивните татковци.

А работниците!? Е тие останаа без работа и без пари. Станаа партиски војници кои за еден сендвич и сок одеа на митинзи. Живееа од надеж! Веруваа! Но, кога ја изгубија вербата во сите мораа да побараат работа во компаниите кај синовите и ќерките на нивните некогашни директори. Работеа без да им се платат придонеси. А права? Ги изгубија сите права! Умреа правата? Работеа само да обезбедат каква таква егзистенција. Работеа за парче леб. Работеа додека можеа.

„Порцеланка“ на голем бизнисмен беше продадена за 800.000 долари. Гигантот беше продаден за ич пари. По ист пат тргнаа и „Свиларата“ беше продадена за 200.000 германски марки, „Лозар“„Киро Чучук“, за еден милион евра. На првиот тендер првата цена за „Топилницата“ и за ХИВ беше петнаесет милиони долари. На крајот, по десетиот или кој знае кој по ред тендер, се продаде само за два милиони долари. И жално и срамно.

По партиска наредба на ВМРО и на СДСМ, кој како доаѓаа на власт, беа продадени, се разбира по багателни цени, свињарската фарма, хотелот „Интернационал“, „Транс Велес“, Монополот, фабриката за масло, „Жито Вардар“, фабриката за талк, „Брако“ и други. Купувачи, се разбира, беа партиски војници на едната или другата партија. А цената? Никои не прашуваше за цената. Девизата беше:„ Дај колку ќе дадеш!“. Се гледаше само да се продаде. Да се врати борчот на доверителите, а работниците и до ден денес, си останаа со „прстот во уста“ и со неисплатени десет, петнаесет или дваесет плати и со неплатен стаж. Многумина ни минимална пензија не дочекаа!

Имињата на сите оние што за десетина години успеаа да ги уништат фабриките, градени повеќе од пет децении, не се важни. Историјата нека ги пишува нивните имиња. Жално е само едно. Како можеше за толку кратко време да се уништат толку многу добри компании во кои егзистенција обезбедуваа над 20.000 работници!? Тоа е жално! Навистина жално. Уште пожално што само неколку продолжија да работат. Поголем број од нив денес се само споменици кои како неми сведоци кажуваат дека некогаш во нив имало живот. Умреа и никогаш повеќе нема да се вратат! А најжално од сѐ е тоа што и по толку години Велес остана заборавен град. Го заборави и Државата! Освен една фабрика не изгради ништо друго. Некогашните мајстори и индустриски работници, за парче леб, заминаа или во странство или во Скопје или во лозарскиот Кавадарци!? Тоа Велес го боли!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...