Народниот театар од Охрид на 28 декември премиерно ќе ја изведе претставата „Каде е пиштолот?“, од унгарскиот автор Габор Ѓоргеј, во режија на Дејана Николовска.
Станува збор за претстава работена според модерен сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка заднина, создаден во седумдесеттите години од минатиот век. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на опресор и потчинет низ петте ликови кои го носат дејствието.
Улогите во претставата ги толкуваат Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Стрезо Стаматовски. Сценограф, костимограф и дизајн на светло е Милена Пантелеева, музиката е на Гаро Ашикјан, кореографијата е на Асја Иванова, драматург е Кристина Тодороска Петреска, инспициент Филип Ангеличин-Жура, а технички раководител Зоран Левески.
Габор Ѓоргеј е унгарски писател, драматург, режисер. Помеѓу 2002-2003 бил Министер за култура на Унгарија. Бил уредник на бројни литературни списанија во Унгарија, член е на Унгарскиот ПЕН клуб. Бил главен драматург во Националниот унгарски театар, резидент во Мадаш Театар, како и на Панониа филм студио. Автор е на преку 30 литературни дела (драма, поезија, новели) а со пиесата “Каде е пиштолот?” добива меѓународно реноме, а пиесата се игра на многу меѓународни сцени, меѓу кои и САД. Добитник е на бројни литературни награди.
Премиерата ќе биде изведена во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20 часот. Ден порано, на 27 декември, е претпремиерата во истиот термин.