Средношколците и студентите денеска првпат организирано им се приклучија на граѓанските здруженија кои се дел од „Зелен фронт” и „Зелената револуција“ на протестен марш за чист воздух под мотото „Марш за нашите животи! СТОП за 3.500 жртви од загадениот воздух!“.
Маршот започна пред Министерството за животна средина и просторно планирање од каде се упатија пред зградите на Собранието и на Владата. Со скандирања „Сакаме да дишеме“, „Сакаме воздух сега“, „Нема воздух, нема мир“, „Воздух, а не профит“, „Долу профитери“,… средношколците и студентите им порачаа на повозрасните дека се тука за да се борат за решавање на проблемот со аерозагадувањето што токму повозрасните го создале.
Претставниците на невладините организации најавија дека нивните протести ќе продолжат се до исполнување на сите нивни барања и ги потсетија надлежните дека на 31 декември им истекува првиот рок за исполнување на над 100-те барања за чист воздух. Посочија дека протестите ќе се прошират во сите градови во државата, бидејќи, како што рекоа, чистиот воздух им е потребен на сите.
Ученици од повеќе средни училишта во земјава денеска ја бојкотираа наставата во знак на револт поради големата загаденост на воздухот.