Францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговото појавување на Шанзелизе во командниот воен автомобил, беше исвиркан од „жолтите елеци“ присутни на познатата авенија. Потоа почнаа тензиите меѓу демонстрантите и полицијата, при што 152 лица беа уапсени, јави дописникот на МИА.
На маргините на одбележувањето на францускиот националне празник, во Париз избија судири меѓу „жолтите елеци“ и полициските сили на авенијата Шанзелизе, кратко време по завршувањето на воената парада по повод Денот на падот на Бастилја.
За време на судирите бил употребен и солзавец од страна на полицијата, а потоа следеле и апсењата. „Жолтите елеци“ се обидувале да се искачат на барикадите и да ја окупираат авенијата Шанзлизе.
Демонстрантите, кои не ги носеа своите вообичаени жолти елеци за време на парадата, мавтаа со жолти балони и упатија свирежи и извици кон францускиот претседател. Една група беше отстранета од специјалните единици.
Уапсените се наоѓаат во притвор поради „организирање нелегални протести, соопшти канцеларијата на парискиот обвинител.
Изутринава, ситуацијата на моменти беше тензична меѓу полицијата и минувачите. На Твитер се појави видео снимка на која полициски комесар во униформа се турка со демонстранти.
– Оние кои сакаа да ја спречат парадата треба малку да се срамат, изјави францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер, додавајќи дека „денеска е денот кога нацијата се обедини, а тоа мора да се почитува“.