Државните хартии од вредност од почетокот на 2019 година ќе котираат на Македонска берза со што тие ќе станат достапни за поголем број на инвеститори, како домашни, така и странски. Денеска министерот за финансии Драган Тевдовски и директорот на Македонска берза Иван Штериев потпишаа договор за котација на државните обврзници.
– Се прави клучен чекор кон развивање на пазарот на капитал. Ќе напоменам дека преку заедничката платформа на берзите од регионот СЕЕ линк, македонските државни обврзници ќе станат достапни за инвеститорите од регионот, но и Европа. Инаку државните хартии од вредност на останатите земји од регионот веќе се достапни на СЕЕ линк. Ова ќе придонесе за поголема видливост на цените т.е. поголема транспарентност. Секако, поголемата конкуренција кај побарувачката ќе обезбеди подобра цена, односно камата – рече Тевдовски.
Според директорот на Македонска берза Иван Штериев со котацијата на државните хартии од вредност ќе се зголеми расположивата понуда на берзата.
– Берзанската котација на државните обврзници ќе значи дека овој финансиски инструмент ќе стане максимално визибилен и полесно достапен на секундарниот пазар на хартии од вредност во Република Македонија, а истовремено ќе ја зголеми расположливата понуда на Берзата. Воедно, котацијата и тргувањето на регулиран пазар ќе претставува нов квалитет за континуираните државни обврзници што би требало да придонесе за уште поголем интерес за вложување во овој инструмент од страна на домашните и странски инвеститори, со сите позитивни повратни импликации од тоа, вклучително и поповолни услови при издавање на обврзниците во иднина-рече Штериев.