И да врне и да вее, Македонците не се откажуваат од Халкидики

Последното невреме на Халкидики го покрена и прашањето за осигурувањето на патувањето. Во светот се поголем замав зема продажбата на осигурување од несреќи  кое е дел од туристичкиот аранжман. Кај нас вакво осигурување нема.

1472

Невремето во Грција не ги премисли македонските туристи од планираниот одмор на Халкидики.Туристичките агенции кои и годинава имаат аранжмани за Халкидики велат дека немаат регистрирано ниту едно откажувањена аранжманот, ниту пак прекинување на одморот на туристите кои се веќе таму. Очекуваат по невремето во Грција брзо да се расчисти теренот и да се нормализира состојбата пред новата тура туристи.

– Досега немаме регистрирано откажување на аранжмани во овој дел на Грција. Тие што уплатиле аранжмани не очекувам да се премислат, но можно е да се намали интересот кај туристите за овој дел од Грција – вели Славе Сирачевски, од туристичката агенција „Аурора“ која организира летување заедно со агенцијата „Савана“.

Тој информира дека сите објекти веќе имаат струја и вода, а се уредени и плажите со што состојбата е нормализирана па туристите можат да го продолжат својот одмор. Сепак, вели, дека граѓаните имаат право да се премислат и да го вратат аранжманот.

– Во такви случаи последици односно загуби имаат сите: агенциите туристите и оние кои ги издаваат капацитетите. Грција во овој случај нема да ги субвенционира сместувачките капацитети и нема да има обештетување, па затоа е подобро да не се откажува аранжманот – додава тој.

И од агенцијата „Арбо турс“ потврдуваат дека граѓаните не ги откажуваат аранжманите за Грција.

– Немаме откажувања на аранжманите за Грција поради последните случувања. Но, граѓаните во последен период и помалку ги користат агенциите за организирање на своите одмори. Најчесто обезбедуваат сместување преку интернет букирање, а патувањето го организираат сами – велат од „Арбо турс“.

Скопјанка која заедно со другарките редовно оди на одмор во Грција вели дека одлучиле да патуваат во недела.

– Сепак одиме и се надевам дека повторно нема да има невреме со вакви последици. Малку сме возбудени околу случувањата деновиве, но да бидеме реални, невреме може да те затекне каде било, па и на одмор нели – вели таа.

Последното невреме на Халкидики го покрена и прашањето за осигурувањето на патувањето. Во светот се поголем замав зема продажбата на осигурување од несреќи  кое е дел од туристичкиот аранжман. Кај нас вакво осигурување нема.

– Ова осигурување зазема една третина од цената на аранжманот што ги поскапува , но при тоа туристот е сигурен дека при вакви несреќи ќе добие надокнада. Кај нас ваков вид осигурување нема и не можеме да го вградиме во аранжманите, но сметам дека треба да се вклучиме во светските текови, бидејќи често се случуваат несреќи – вели Сирачевски.

Во земјава при патување е задолжително патничко осигурување кое штити од трошоци во случај на нужна потреба од медицинска помош во странство. Пакетите за патничко осигурување осигурителните компании ги подготвуваат за различни потреби на граѓаните.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...