ИТ индустријата без субвенции ги зголеми платите за 7 отсто

Сега во секторот платите во просек изнесуваат 96.430 денари бруто или 63.800 нето.

175

Земјава е длабоко зачекорена во процесот на дигитализација, но сѐ уште има недостатоци. Со стручно согледување на состојбата и поголема интероперабилност, посебно меѓу министерствата и јавните институции, за кратко време може да се постигнат значајни резултати, беше речено на денешната 16. конференција на МАСИТ.

Учесниците порачаа дека податоците денес се еден од клучните ресурси, а наскоро ќе станат и најголемата вредност на компаниите.

– Најголемите технолошки компании во светот се токму оние што ги поседуваат податоците. Нашата држава е веќе масовно зачекорена во областа на дигитализацијата на јавниот сектор, но клучна е соработката со приватниот сектор – изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Тој потсети дека е веќе објавен порталот за отворени податоци со поставени над 200 податочни сетови од преку 45 институции, во функција е и Националниот портал за електронски услуги, кој ќе биде пуштен во употреба следниот месец, а лансиран е и Централниот регистар на население.

– Ова значи дека граѓаните ќе можат на законски начин да го користат својот електронски идентитет за добивање услуги и од јавните институции, но и од приватниот сектор – потенцира министерот.

Тој најави и дека следниот период со поврзување на разните бази на податоци и нивната дигитализација, ќе се креира уште поголема база на податоци кои ќе ги користат и приватните компании за развој на нови бизниси, анализи и иновативни решенија, како и државата за да стане поефикасна во испорачувањето услуги и да се доближи до граѓаните.

Претседателката на Бордот на директори на МАСИТ, Анета Антова Пешева уште еднаш го нагласи значењето на ИКТ индустријата, посочувајќи дека за само два месеца, од јуни до август годинава, платите во овој сектор се зголемени за седум отсто.

– Според растот што го имаме треба да се обрне поголемо внимание на ИКТ индустријата која за два месеца ги зголеми платите за седум проценти без каква било интервенција и сега тие во просек изнесуваат 96.430 денари бруто или 63.800 нето. Со зголемување на платите од 12.000 на 14.500 нема да ги задржиме младите во земјава, но можеме да почнеме да ги убедуваме да останат ако имаат добар стандард и добар третман – нагласи Антова Пешева.

Порача и дека ИКТ индустријата во земјава треба да се качи на повисоко ниво и да биде столб на стопанството, а не сервисна дејност како што засега се третира.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...