Итна седница во Земјоделство за трошењето на парите од ИПАРД

Убеден сум дека овојпат ќе имаме целосна искористеност на ИПАРД средствата и оти ќе дојдеме до момент на барање дополнителни средства од страна на земјите од регионот, изјави министерот за земјодлество Љупчо Николовски.

138

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски закажа итен состанок со директорот на Платежната агенција, со претставници од Министерството за финансии и ИПАРД менаџмент телото по забелешката на Европската комисија дека Платежната агенција, нема капацитет да ги потроши парите од ИПАРД.

Ова го потврди на прес-конференција денеска министерот Николовски.

– Најновите информации се дека до крајот на годината 8,7 милиони евра треба да бидат исплатени од Платежната агенција. Убеден сум дека ќе бидат исплатени заради тоа што веќе до Платежната агенција се поднесени барањата за исплата на најголемите проекти во делот на мерката на преработувачката индустрија. Лично ги мотивирам и разговарам со сите апликанти да ги забрзаат своите процедури. Секторите за одобрување и за исплати на Платежната агенција ќе работат интензивно летото – рече Николовски.

Тој најави нов јавен повик веќе следната недела и додаде дека забрзано се обработуваат апликациите од мерките еден и три од јануари и февруари годинава.

– Убеден сум дека овојпат ќе имаме целосна искористеност на ИПАРД средствата и оти ќе дојдеме до момент на барање дополнителни средства од страна на земјите од регионот – наведе Николовски.

Тој обелодени и дека се тек и постапки за зголемување на капацитетите на Платежната агенција со нови 28 лица.

– Очекувам и повикувам да бидат ангажирани најквалитетните луѓе во државава и да бидат мотивирани и заради тоа што и на ниво на Влада мора да биде решена уште една дилема и во делот на зголемување на платите на структурите за коишто Брисел сугерира дека навистина мора да ги задржиме. Јас сум позитивен во тој дел, очекувам целосна реализација на ИПАРД и сум радосен што за разлика од претходниот период оваа година имаме позитивен извештај во делот на земјоделството – рече Николовски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...