Италијански обвинител: Албанската мафија е меѓу најмоќните

234
ФОТО: МИА

Италијанскиот обвинител Никола Гратери, кој од 2016 година е одговорен за одделот за борба против мафија во регионот на Калабрија, за тиранската телевизија Ора њуз изјави дека „албанската мафија е во редот на најмоќните“ во светот.

– Албанската мафија е постојано растечка во Европа и ќе биде мафија на иднината. Албанската мафија се повеќе и повеќе се шири во Јужна Америка. Во соработка со калабриската мафија, Ндрагета, таа е способна да увезува големи количества кокаин во Европа. Албанската мафија е исто така доста присутна во трговијата со марихуана и тоните прошверцувана марихуана од Албанија ја преплавува Европа. Ние сме многу загрижени – изјави Гратери.

Тој, како што вели, е загрижен и во врска со правосудниот систем во Албанија.

– Она што го забележуваме е дека за жал судскиот систем во Албанија и борбата на албанската полиција во овој поглед е малку блага. Има многу што треба да се направи во оваа насока. Гледаме систем на многу бавна правда, која не во иста димензија на криминалната активност што постои во Албанија – оценува италијанскиот обвинител.

На прашањето дали албанската мафија инвестира во Италија, Гратери вели дека странските мафии кои продаваат дрога во Европа ги инвестираат своите пари и профит од криминалните активности на континентот, а од тоа не е исклучок ни албанската мафија.

– Сметаме дека албанската мафија инвестира и купува имот во Европа – вели Гратери.

Италијанскиот обвинител додава и дека постојат податоци оти припадниците на Ндрагхете се засолнуваат во Албанија.

– Да, постојат припадници на овој мафијашки клан кои се кријат во Албанија. Одат во Албанија за нивните криминални афери и остануваат мирни, бидејќи во Албанија е полесно да се кријат како луѓе кои ги бара полицијата, отколку во Италија – посочи Гратери.

Обвинителот Гратери од 1989 година е под заштита на државата и е вклучен во борбата против калабриската мафија.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...