Инфраструктурните енергетските и еколошкте проекти кои планира да ги реализира Владата во текот на оваа и наредните години денеска беа презентирани пред 15 италијански компании на Италијанско – македонски бизнис форум.
Меѓу компаниите беше и групацијата Италијански Државни Железници, а имаше и претставници на трите најголеми италијански здруженија од градежниот и енергетскиот сектор и претставници на италијанското Министерство за надворешнби работи.
Премиерот Зоран Заев отворено ги покани италијанските компании заедно со македонските да учествуваат на тендерите за изградба на патиштата, железниците, енергетските инвестиции како и еколошките проекти.
– Ќе имаме градежна офанзива на патна инфраструктура од 800 километри за кои веќе обезбедивме 270 милиони евра. Два од патните правци се експресни кои чинат 50 милиони евра. Коридорот 10 го привршивме, но сега работиме на Коридорот осум. Проекциите за следните 3-4 години, во патната инфраструктура се околу 500 милиони евра, во железничката инфраструктура, само коридорот 8 од трите негови фази е во втората, тендерот се распишува, изнесува 650 милиони евра, дополнително на тоа 529 милиони евра е железничката пруга со завршена проектна документација, која што се надевам есенва ќе биде во постапка на објава, што во вкупна вредност за пругата Кичево-Линд изнесува 529 милиони евра- рече Заев.
Тој ги наброја и енергетските проекти од кои како најважен го истакна процесот на изградба на гасификационата мрежа и гасоводното поврзување со гасоводот ТАП.
Покана да учествуваат во проектит на Град Скопје упати и градоначалникот, Петре Шилегов.
Тој ги посочи вијадуктот изградбата на мост на реката Вардар, изградба на тунел, како и пречистителната станица на реката Вардар и озеленувањето на градот.
Италијанскиот амбасадор Карло Ромеро кој е организатор на средбата на бизнисмените од Италија и Македонија рече дека италијанските компании со своето искуство во реализацијата на инфраструктурни проекти може да им помогнат на македонските компании поуспешно да ги реализираат проектите.
– Се надевам дека македонските компании ќе го препознаат искуството на италијанските и ќе воспостават добра соработка – рече Ромеро.
Амбасадорот рече дека Италија ѝ дава силна поддршка на Македонија заедно со регионот да се интегрираат во Европа и ќе ги поддржат финансиски одрживите инфраструктурни проекти кои се значајни за поврзувањето на Европа, коридорите 8 и 10.
За искуството на италјанските компании за изградба на инфраструктурни проекти на форумот говореше и Винченцо Ерколе, координаторот на одделението за промоција во странство на секторот инфраструктури, при италијанското Министерство за надворешни работи и директорката на канцеларијата во Скопје на ИЧЕ Агенцијата за промоција и интернационализација на италијанските компании во странство, Алесандра Капобјанко.
– Фирмите кои се тука можат да ги изведуваат сите проекти заедно со македонските компании. Италија инвестира 10 милијарди евра во инфраструктурата. Дел од тоа може да биде и во Македонија, зашто таа не смее да остане назад, туку планираме да да има првична улога. Итлијанското градежно искуство градено во период од 2.000 години. Градиме инфраструктура во 90 земји во светот на пет континенти- рече Ерколе.
На форумот учествуваа над 40 компании од земјава, а интерес за средби со италијанските компании имаше и од повеќе институции и јавни претпријатија од секторите транспорт, енергетика и комунални услуги.