Севернокорејскиот дипломат Џо Сонг Гил, кој до скоро беше амбасадор во Италија, исчезна со својата сопруга, откако ја напушти Амбасадата во ноември, изјави пратеникот во јужнокорејскиот Парламент, Ким Мин-ки, повикувајќи се на податоци добиени од Националната разузнавачка служба.
Јужнокорејската разузнавачка агенција денеска, зад затворени врати, ги информираше пратениците во Сеул дека Џо заедно со својата сопруга се скриле во ноември, не прецизирајќи каде.
Доколку тоа се потврди, Џо ќе се приклучи на долгиот список високи дипломати кои се обидоа да избегаат од Северна Кореја.
Претходно, весникот „Џонг Анг Илбо“, повикувајќи се на неименуван дипломатски извор, објави дека Џо (48) поднел барање за азил во една западна земја и дека е на „безбедно место“ со своето семејство, под заштита на италијанската Влада.
Висок дипломатски извор во Рим наведе дека италијанското Министерство за надворешни работи не знае ништо за тие наводи, додека друг дипломатски извор изјави дека Министерството нема информации дали Џо побарал азил во Италија. Според него, Северна Кореја кон крајот на 2018 година најавила дека ќе испрати нов амбасадор во Рим.
Северна Кореја се уште не се огласи за статусот на дипломатот Џо.
Последниот висок севернокорејски дипломат за кој се знае дека избега е Тае Јонг Хо, поранешен заменик амбасадор во Лондон, кој пребега во Јужна Кореја во 2016 година.
Според податоците на јужнокорејската Влада, околу 30.000 Севернокорејци избегале во Јужна Кореја откако е завршена Корејската војна. Многумина изјавиле дека сакаат да го напуштат суровиот севернокорејски политички систем и сиромаштија.
Од друга страна, Пјонгјанг често го обвинува Сеул дека им плаќа на луѓето за да пребегнат или пак тврди дека тие луѓе се киднапирани.